
Колку сме среќни кога некој ќе ни подари обично малечко чоколадо кое чини само десет денари. Но, ете не сме очекувале, не сме биле расположени и одеднаш некој во скут ни фрла чоколатце. По ова ќе видите дека сé уште сме деца што се радуваат на малите нешта.
Намерно се обидовме да ја доловиме атмосферата за да посакате да ја создадете некому. Овој пат тоа нека биде вашиот сопруг. Не жалете се дека бракот е една голема монотонија кога сте заборавиле и на вакви ситни моменти. Не мора да го чекате роденденот или годишнината од бракот, подарете без посебен повод. Докажано е дека луѓето најмногу уживаат во спонтаните и неочекувано подарените подароци.
Сега се наметна прашањето, што да му подарите? Ќе направиме две категории. Во првата нека влезе емоционалниот подарок, а во втората материјалниот. За што и да се одлучите знајте дека ќе има позитивен ефект врз него.
Емоционален подарок:
Вашето скапоцено време... Нема ништо поубаво за него од тоа да може да биде со вас. Не зборуваме за седење пред ТВ, заеднички ручек или прошетка, тоа го правите секојдневно. Овде се мисли да избегате некаде заедно каде ќе бидете сосема сами и ќе уживате еден во друг далеку од сé. Отидете на викенд в село, на планина или покрај езеро. Долгите часови поминати во нежности, љубов и комуникација ќе ве вратат преродени.
Ветувањата што му ги дадовте... Сигурно има нешто што сте му го ветиле ама никако не стигнавте да го исполните. Сега е вистинското време за тоа. Без разлика дали се работи за подготвување оброк, посета на кино или контролирање на вашиот избувлив темперамент, сторете го тоа за него. Овој пат особено потрудете се и притоа спомнете му го мотивот за таквото дело. Насмевката од неговото лице нема да се симне со денови.
Времето за слушање што сакаше да ви каже... Никој не вели дека не сте зафатени и дека секој ден носи куп обврски што чекаат на вас. Но, не оставајте го со подзината уста кога сака да сподели нешто со вас и тоа само поради тоа што ве чекаат алиштата за перење. Сетете се колку се нервирате секој пат кога нема кому да се пожалите, сопругот на работа, пријателките недостапни, децата излезени... И да се работи за досаден муабет за фудбал покажете интерес.
Материјален подарок...
Купете го тоа што тој го сака, а не вие... Многу е смешно кога жена, од што сака да заштеди, ќе купи нешто за домот, а ќе каже дека е за сопругот. На пример, купувате маса и столови за во двор и му велите: „Види што ти купив". Навистина и тој ќе седи на столовите, но да се разбереме, тоа е фамилијарно добро.
Земете го предвид неговиот вкус... Џабе му купувате цветни кошули кога знаете дека тој не сака да ги носи. Не наметнувајте му го вашиот вкус. Залудно сте потрошиле пари, кошулите ќе скапат во плакарот и само ќе се карате за тоа. Како би ви било вам да ви донесе жолт фустан кога стопати сте му кажале дека не носите жолто. Ќе бидете разочарани и дури ќе помислете дека намерно така прави.
Не купувајте нешто што ќе му отвори работа... Подарокот треба да биде уживање и задоволство, а не мачење. На пример, му купувате користен мобилен телефон. Наместо со мерак да почне да го користи и насекаде да трча и да се фали што му купила сопругата, тој треба да трча по сервиси.



















































