
Само поради тоа што некој го измислил разводот не значи дека треба да се плашиме од него и да го избегнеме бракот.
Разводот е лош во секој поглед...истовремено уништува неколку животи, оној на жената, оној на партнерот, а најмногу оној на децата што по некое непишано правило треба да биде убав и безгрижен. Но, од друга страна подобро да бидете среќно разведена жена отколку несреќна сопруга и мајка. Што значи разводот не е пожелно решение, но сепак е решение ако донесе помирен и посреќен живот.
Надица Секуловска имаше сѐ...работа со скромна заработувачка, но ја работеше со љубов. Топол дом на кој посебно му се радуваше бидејќи сама го уреди. Грижлив сопруг (барем така мислеше во тоа време) и машко прекрасно детенце.
Често си повторуваше дека е среќна жена. Не возеше скап автомобил, летно време не се печеше на песочни плажи, но секогаш кога ќе си дојдеше дома ја чекаа две прекрасни насмевки и многу прегратки. Тоа беше сосема доволно за неа.
Но, семејната среќа имаше краток век. Еден ден нејзиниот сопруг ја дочека со веста дека сака развод...туку така, како гром од ведро небо и кажа дека има друга и дека конечно научил што е тоа вистинска љубов.
Надица ни ги кажа шокантните моменти со кои се соочила после разводот и причините зошто не треба да се плашите од бракот. Како што постои живот постои и смрт, но тоа не нѐ предомислува да не живееме и да се бориме, истото важи и за разводот. Само поради тоа што некој го измисли не значи дека треба да се плашиме од него и да го избегнеме бракот.
БРАКОТ НЕМА ДА ВЕ НАУЧИ ДА МУ ГИ ЧИТАТЕ МИСЛИТЕ!
Верував дека сѐ знам за него. Немојте да мислите дека ако долги години сте заедно дека тоа ве прави способна да осетите и да знаете сѐ што поминува низ неговата глава. Да, јас знаев да кажам кога е уморен, знаев да осетам кога е лут иако ме гледа во очи и ми кажува дека не е...но не знаев дека има друга. Имајте на ум дека човекот секогаш чува дел за себе што не го споделува со другите. Јас не успеав, но вие можеби ќе можете да допрете токму до тој непознат остров кај вашиот сопруг.
РАЗВОДОТ СМИРУВА!
До пред разводот, бев жена што живее со сто на час. Пријателките ме нарекуваа брбливка бидејќи не можев да престанам да зборувам, сакав да се дружам со сите, сакав да учествувам во долги филозофски дебати иако никогаш не успевав да разубедам некој поинаку да размислува. Сега животот го примам смирено, верувам само во неколку пријатели,а преземам чекор кога сум сто проценти сигурна дека тоа е вистинското решение. Морам да признам дека повеќе ми одговара ваквиот начин на функционирање, посигурна сум и позрела.
СЕКСОТ ПОСЛЕ РАЗВОДОТ Е НЕВЕРОЈАТЕН!
Девојките во врска знаат колку е добар сексот после кавга...чувството е слично. Ослободена од мислите за тоа што ќе биде утре или дали има љубов, сексот почнувате да го сфаќате како телесна потреба и награда после толку страдање. Кога умот е ослободен од грижи за тоа што носи иднината и кога знаете дека ништо не сте ветиле и не очекувате ништо за возврат, тогаш вистински ќе почнете да уживате во своето тело. После 13 годни со истиот човек, повторно се почувствував секси и посакувано.
РАЗВОДОТ ГИ МЕНУВА СТАНДАРДИТЕ ЗА СЛЕДНИОТ ПАРТНЕР!
Кога сте мислеле дека сте го нашле вистинскиот, човекот кој се вклопувал во целост со вашиот замислен профил на маж и на крај излегува дека е тотална грешка...не можете, а да не ги смените стандардите. Сега почнувам да се загледувам во мажи што до пред некоја година биле незамисливи за мене.
РАЗВОДОТ ЌЕ ВЕ НАТЕРА ДА ГО ЗАСАКАТЕ БРАКОТ УШТЕ ПОВЕЌЕ!
Чудна работа, но разведените жени вистински ја сфаќаат смислата на бракот. Всушност тоа е исто како со сите работи во животот, кога ќе загубите нешто сфаќате колку било вредно неговото постоење. Јас уживав додека бев во брак и се надевам дека ќе го повторам искуството до крајот на животот. Ако се сакате и ако се замислувате омажена за вашиот партнер, тогаш не плашете се да се земете со него. Бракот е благослов даден од Бога.
РАЗВОДОТ ЌЕ ВЕ НАПРАВИ ХРАБРА ЛИЧНОСТ!
Порано се ми беше испланирано, ништо не оставав на случајноста. Конечно сфатив дека не мора да знам што следува на ред за да бидам среќна и мирна. Изненадувањето што ми го приреди бившиот сопруг ме натера да го живеам животот како авантура. Не размислувам што ме очекува на следниот агол, гледам само да уживам.
.gif)






















.gif)
























