
Желбите се исполнуваат ако вистински ги посакувате, затоа замислете си го тоа и кажете си: Јас можам, јас сакам, јас ќе успеам.
Врски, врскички, врскишта.... Многу такви проткајани низ вашиот животен пат, а секоја една од нив ново искуство, нова лекција.
Некогаш бевте вртоглаво наивни или страшно себични, но од ден на ден сфативте дека ништо од тоа не иде во ваша полза. Некогаш повредувавте без да се запрашате за мерка, а денес ја мерите и премерувате секоја превземена акција, а сте на добар пат да го сторите истото со зборовите. Иако жени сме, бргу говориме, грешки правиме, се кажуваме во лутина, но верувајте мозокот ќе триумфира над устата, само години ви требаат, искуство во себе, пат зад себе.
Животните мудрости
„Што ќе си посеете, тоа ќе си ожнеете“ и поднаучивте дека тоа е горе – долу така, но уште не можете да сфатите кога ви велеа дека „на љубов со љубов се враќа“ затоа што кога дарувате болка добивате љубов, кога дарувате љубов добивате презир за возврат.
До ден денес ви е на ум и се прашувате за оваа навидум нелогична лекција, која тешко функционира во пракса, но на долги стази верувајте и со правиот човек тоа е тоа што ќе го одржи огнот. Само почит, разбирање, комуникација и доверба и се ќе биде добро.
„Цело е кога има се“ кружеше едно време, но не водете се од оваа мисла затоа што во животот никогаш немате се....
Секогаш недостига дали малку пари, дали верност, дали почит, дали адреналин или не дај Боже здравје. Не мислете на тоа што го немате, мислете на тоа што го имате и секоја насмевка ќе биде поголема, а секоја солза поретка.
И си чекорите така низ животот, секој ден помудри, секој ден понатоварени со познаници, со совети, со искуства. Тешко иде тој товар да се носи на плеќите, но и па сами да чекорите низ животот не е убаво. Сами осамени ниту добар збор со кој да си размените, ниту рамо на кое да се потпрете, ниту пред кој да се исплачете.
Црпевте искуства и примери
Секој ден земавте пример од родителите, учевте лекции за животот, за бракот.
Како вчера да беше се сеќавате кога вашиот татко ви кажа „Ќерко кога ќе бидеш мажена, проблемите чувај ги за дома, не оди наоколу, не жали се, не кукај, не карај се со мажот кога ќе идеш на гости кај пријателите. Тие имаат доволно свои проблеми, а и завидливи се луѓето, се ситат на туѓата несреќа.“
Учите од грешките на пријателките, учите од примерот на поуспешните од вас, се восхитувате на водачите и си посакувате себе таква судбина.
Желби од се срце
Желбите се исполнуваат ако вистински ги посакувате, затоа замислете си го тоа и кажете си: Јас можам, јас сакам, јас ќе успеам да ги реализирам моите соништа.
Јас сонувам за мала куќарка обрасната со темни лијани, простран двор со тазе искосена трева и стара дрвена лулашка во него. На еден негов крај сакам да има стара фурна да си печеме и лепче и мевце и да се смееме со пријателите.
Сакам едно мало момче и едно весело девојче, со златести долги плетенки и розово фустанче, да трчаат низ тревата. Сакам сопруг со кого секој ден ќе го пијам утринското кафе и ќе уживаме во изгрејсонцето. Сакам сето тоа да биде во затскриената прегратка на некој мирен дел од нашето Скопје. Сакам да го работам тоа што го сакам, а после секој напорен ден да видам 3 насмеани лица кои ќе бидат мој мотив, моја причина и последица, мое се! Сакам!!!
И нека целото ваше битие вика сакам, а еден ден ќе го имате тоа и ќе бидете среќна. Затоа што имате страст да сакате и од се срце да посакувате, а тоа ви дава сила да се борите!
.gif)






















.gif)
























