
Таа на граница на избезуменост ја донесе фаталната одлука да стави крај на оваа триесетгодишна драма.
Маж со седа коса, заби дополу заменети со мостови, но со се уште неодолив шарм и насолзени очи седи на балконот. Со својот другар разменува река зборови, вади грутки од душата надевајќи се дека советот на пријателот ќе ги распара на мал милион парчиња.
Неподнослива болка
Но голема е болката се гледа по ставот на неговото тело. Грбот благо накривен, а главата како да сака да ја удри од најцврстиот бетон. И солзи во очите! Е тоа е реткост, тоа е вистинска реткост особено кај маж на цели педесет години.
Неверниот пастув
Што го мачи овој човек ќе си помислите?... Го мачат сопствените нерационални постапки. Тој ја изневери жена си, по не се знае кој пат во текот на нивниот триесетгодишен брак.
Таа му простуваше многу пати до сега, ја вадеше човечноста од најскриените катчиња на нејзиното срце, љубовта и прошката беа доблест на оваа жена. Но и таа се потроши, и се потроши младоста, годините, трпението, а се уште не можеше да го пронајде семејниот мир.
Иако искрено веруваше и се надеваше на тоа секој пат кога бурата ќе стивнеше, тоа се случуваше одново и одново. Овој маж, овој срцекршач на чиј шарм и смисла за хумор навистина паѓаа многу жени, како да не знаеше за доста.
Поразен пред неа
И сега еве го тука, целиот скршен, целиот поразен од болката дека неговата долгогодишна верна сопатничка повеќе не може да помине преку ниту едно негово наредно неверство.
Таа на граница на избезуменост ја донесе фаталната одлука да стави крај на оваа триесетгодишна драма. Разводот го гледаше како единствен начин за мирна старост, но се уште не можеше да се одрекне од него затоа што тие сепак делеа и љубов, и заедничка постела, и две деца, и едно внуче, и многу заеднички борби во животот.
А тој маж, пастувот довчерашен, денес плачеше и без малку би коленичел пред неа и добро е сето тоа.
На прошка не учеа дома, но дали неговото каење е доволно голема лекција да не ја стори истата грешка повторно.
Дали ова е последен од низата жешки печати врз срцето на оваа жена? Само тој го знаеше тоа.
Но едно е сигурно тој плачеше неутешно како дете и си ги кубеше косите, а таа, таа даде уште една шанса на бракот. Во име на годините, во име на децата, во име на љубовта.
.gif)






















.gif)
























