
Од толку сингл-момци во градов, ти се фати за женетиот - вака би звучела вашата пријателка кога би ѝ кажале дека предмет на вашата опсесија станал ни повеќе ни помалку туку некој фамилијарен човек.
Зошто воопшто некоја девојка би трчала по женет човек? Тој ѝ припаѓа на друга! Тоа е моментот што прави женската глава да се изгуби. Гледате во туѓото јадење и чувствувате како почнуваат да ви се излачуваат сокови во устата. И пред вас го имате истото, но тоа изгледа повкусно само зашто е туѓо.
НАТПРЕВАР...
Тоа ви е исто како кога ќе го видите бившото момче со нова девојка. Не можете, а да не се прашате што пропуштивте во него. Почнувате да се сомневате дека можеби направивте грешка што го оставивте. Одеднаш ви запнува за око како трн. Не можете да го извадите од глава. Сакате да победите и пак да го имате покрај себе.
Излегувате со машко друштво. Забележувате како другите девојки не тргаат поглед од вас. Што сте толку посебна што сте опкружена со толку мажи. Жените имаат константна потреба да докажуваат дека се моќни во заведувањето. Не треба многу за пчеличките да се залепат за цветовите околу вас.
Жал ни е, но таква е нашата природа сакале ние да признаеме или не. Целиот женски живот е еден натпревар. Која е поубава, која е поубаво облечена, која е попаметна, која привлекува најмногу внимание... Сé додека уживате во натпреварите е ОК, но не и кога треба да се натпреварувате со деца на кои им е потребен татко.
ВОЗБУДА...
Секоја жена сака забава, возбуда, нешто што не ѝ дава мир и што ќе успее да ги окупира нејзините мисли 24/7. Колку врски прекинале зошто едноставно биле како што милуваме да кажеме во последно време кежуал. Ми се јавуваш, ме пазиш, ме милуваш, не ме изневеруваш... не те бидува - здодевен си.
Да, навистина, сé што е поврзано со него ќе биде возбудливо. Криењето, подароците, интересните состаноци, а најмногу сексот. Но, ако размислите, ќе видите дека всушност сé се сведува на тој секс. Вие сте неговата рекреација и „лексилиум" за неговите проблеми.
Размислете дали сé би било така совршено кога би станал ваш сопруг? Мислите дека возбудата ќе биде иста? Нормално дека не. А и зошто би се карал со вас кога вие сте му прибежиште. Доволно кавги имал дома, а и сеедно му е што вие мислите сé додека прифаќате средби на само. Побарајте нешто повеќе од него и ќе се уверите колку има намера да даде нешто повеќе за вас, освен нова поза в кревет.
ИСКУСТВО...
Обично помладите девојчиња сакаат постари мажи бидејќи тие на нивна возраст не се доволно зрели за нив. Најчесто и тие се жртви на врска со женет човек и татко. Начинот на кој тој се однесува со нив и искуството кое го има ги тера да помислат дека покрај себе го имаат совршениот човек.
Бракот е навистина големо искуство не само за в кревет туку и за начинот на кој се постапува со жена. Избрани зборови за да се смири тензијата и да се насочи караницата во разменување нежности и прегратки. Внимателно слушање и разбирање на женските „вонземски" барања. Десет години со иста жена - нормално дека ќе собереш неколку тактики.
Но, бурмата не го прави само искусен на тоа поле, го прави многу поискусен лажго. Колку и да знаете дека тоа што го правите е погрешно, тој секогаш ќе наоѓа зборови за да ве утеши и да направи да се чувствувате удобно во врската. Пред да се освестите вие ќе станете зависна од него, а крајот е секогаш ист, вие со скршено срце, а тој во прегратка на сопругата и новата ВИЕ.
.gif)






















.gif)
























