
Секој ден толку обврски околу вас, дури немате време ни за љубов. Но, не сте само вие, од ваквиот проблем страда половина свет. Не знам колку сте слушнале, но половина од врските во Германија се раѓаат во метро.
Ние немаме метро, но многумина од нас го користат јавниот транспорт. Колкумина од вас се сетиле дека автобуската станица е потенцијално место за запознавање нова љубов? Особено во предност се девојките од другите градови. Додека да стасаат до дома за викенд или за на факултет во Скопје, имаат доволно време на располагање за да почнат сериозна комуникација.
Заљубена сум во мојот сопатник!
Секој ден сум на релација Аеродром-Центар бидејќи таму ми е работата. Го фаќам автобусот во 8 и 30 и секој ден го фаќам и него. Висок е, има руса коса, сини очи, а изгледа е успешен бидејќи секогаш носи лаптоп и формално е облечен. Сигурно за помалку од една година ќе го купи својот прв автомобил и повеќе нема да го видам.
Еден ден одлучив да го барам низ населба. Претпоставувам дека живее во моја близина бидејќи се качуваме на иста станица. Најсреќна сум кога сами чекаме да дојде автобусот или кога единственото слободно место е до него. Ми се допаѓа и неговиот парфем. Потрагата беше залудна бидејќи не го најдов. Секогаш кога сум надвор, се вртам да не го видам некаде, но никогаш го нема...
И сега, како да ја решиме оваа дилема? Едно е сигурно, нема да седиме и да живееме во илузија. Еве како сопатникот ќе ви стане љубовта на вашиот живот:
Привлечете го неговото внимание на себе.
Луѓето што секој ден се возат со истиот автобус се препознаваат еден со друг. Бидете сигурни дека го памети вашиот лик без разлика дали сте на пазар, во трговски или на улица. Но, за да не бидете само: „Ова е девојката со која заедно се возиме во автобус", сменете ја неговата перцепција.
Постојат неколку мали постапки преку кои можете да направите да ве забележи малку повеќе. На пример, станувајте им на постарите, бидете љубезна и кажувајте му добро утро на шоферот, нешто што ретко може да се чуе, помогнете ѝ на постарата жена со торбите. Верувајте дека тоа нема да помине незабележано. Од девојката со која само се вози наутро, ќе станете културната девојката што секогаш е љубезна. Сосем доволно за почеток.
Спонтано почнете разговор.
Почнувањето разговор е посмел чекор за кој мора да бидете добро подготвени. Ако треба, дајте си повеќе време, но важно е да бидете спонтана и да не ви пишува на чело: „Едвај чекав да дојде до ова."
Постојат многу начини за тоа како да почнете разговор. На пример, може да го прашате дали местото до него е слободно за да седнете, прашајте колку е часот, прашајте го дали можеби знае во колку часот пристигнува следниот автобус.
Одличен почеток за да почнете со коментирање за маните на јавниот транспорт, дека улиците се ископани, секогаш има метеж и дека повторно ќе доцните за на работа. За да отворите тема на која и тој ќе може да проговори, едноставно прашајте го дали му прават проблеми на работа за доцнењето.
Дајте му го својот телефонски број.
За да не изгледате премногу нападна, а сепак да не остане работата само на тој разговор, следниот ден поздравете го и насмевнете се. Седнете на сосема другиот крај од неговото седиште.
Ако третиот ден тој прв ве поздрави, тогаш ви честитаме бидејќи сте на добар пат. Но, ако не го стори тоа, не смеете да донесувате заклучоци, а уште помалку да се откажете. Полесно ќе ви биде ако си ја пробате среќата. Следните неколку дена разговарајте со него како да живеете врата до врата.
Оставете му впечаток дека сте од оние луѓе што сакаат да зборуваат за да ја разбијат досадата додека се чека автобус што по обичај никаде го нема. Ако гледате дека не ве избегнува и сака да си муабетите, пред да се симнете на својата автобуска, кажете му дека ви е пријатно во неговото друштво и дајте му го вашиот број ако сака да ви се јави за подобро да се запознаете.
Вашата работа тука завршува. Бевте многу храбра и треба да бидете задоволна од себеси. Ако не ви се јави, не помислувајте да одите подоцна или порано на работа. Со крената глава продолжете понатаму, направете тој да биде засрамениот.
.gif)






















.gif)
























