
Имаше само една личност што не беше воодушевена од мојата џекпот романса...тоа беше вујко ми.
Се започна толку спонтано и неочекувано. Никогаш не помислував дека посетата на Германија ќе значи и заљубување. Кога ќе се сетам дека на почетокот воопшто не ни сакав да одам, но си велев ништо страшно, ќе го посетам мојот разведен вујко, ќе разгледам неколку катедрали и ќе го збогатам Facebook албумот со нова дестинација поради која сите ќе ми завидуваат. Но, трите недели поминаа во три месеци...трите месеци поминаа во година... а јас немав абер да се вратам дома.
И зошто воопшто да се враќам назад кога причината да се будам, да создавам, да се радувам...беше токму таму. Нашата романса започна типично на германски начин, јас се возев во метро, а тој седна до мене. Почна да ми зборува на нивниот груб и неразбирлив (за мене) јазик, а јас му вратив само со едно WAIT! Тоа беше доволно за да разбере дека ќе мора да се помачи со англискиот што едвај го говореше. Обичниот разговор за тоа од каде си, што работиш и каде одиш со метрово, заврши со покана за пиво во паб. Нормално, јас како и секое типично Македонче бев исплашена дека можеби ќе ме киднапира и ќе завршам некаде како бело робје. Му објаснив како се кани девојка на македонски начин, а тој прифати да ги размениме броевите и да ме собере од дома пред сведок - вујко ми.
Нашата врска беше голема вест за моите дома. Самиот факт дека тој е Германец беше доволен, нивната ќерка доби доживотна виза и влез во Европска Унија, а тоа значеше отворање нови хоризонти и светла иднина. Се сеќавам колку мајка ми беше горда што успеав да се снајдам за толку кусо време. Уживаше кога ќе и се јавев и кога ќе почнев да и зборувам на германски. Мојата врска беше исто како да добиле на лото...крај на бедата и сиромаштијата. Сега дури почнувам да станувам свесна за тоа колку е лесно да се залаже обичниот народ...
Имаше само една личност што не беше воодушевена од мојата џекпот романса...тоа беше вујко ми. Уште првиот пат кога го запозна направи кисела фаца, а кога се вратив дома после состанокот, замислено ме чекаше на фотелјата. Целото негово тело беше така наместено како да сака да ми каже некоја голема тајна што треба да ме замисли и исплаши. Ги оставив клучевите на маса, седнав спроти него и само изустив едно: „И", а неговите зборови како река почнаа да течат од збрчканата уста.
Ме предупреди, морам да признам дека ме предупреди. Не ми наредуваше, можеби тука беше грешката, но убаво ми кажа какви се Германците. Велеше: „Ладни се, нечувствителни... утре ако се разболиш нема да те гледа, ќе си ги спакува куферите и ќе си замине без размислување. Никој не гледа жена како Балканец , слушај постар!" Но, како можев јас да поверувам во тие зборови? Бев заслепена од љубов до тој степен да заборавам дека ми недостасуваат домашните. Само едно имав на ум, да бидам со него, да ги бакнувам тие меки усни и да си играм со таа златна коса.
Вистинското уживање почна кога почнавме да живееме заедно. Тогаш можев вистински да се отпуштам бидејќи го немаше вујко ми и неговиот прекор во очите. Често се замислував и по малку се плашев дека е невозможно да сум толку среќна. Дојдов во најладната земја на светот, а најдов топлина...се плашев да не помине некој бран и да угаси сѐ.
Најмногу од сѐ се сеќавам на тоа како го дочекавме католичкиот Велигден, не поради тоа што ми приреди цела трпеза со традиционална германска храна, туку поради тоа што ми кажа дека размислува да појдеме во Македонија за да ги запознае моите. Бев обземена од таквата вест, вечерта не можев да заспијам, веднаш почнав да го планирам нашето заминување.
Нема потреба да ви зборувам за тоа како изгледа пречек во македонска куќа...јадење и пиење до припаѓање и по цена да се преживува наредниот месец. Деновите минуваа брзо и пред да трепнам јас требаше да ги пакувам куферите за назад. За 5 часа требаше да тргнеме накај аеродром, а тој клекна пред сите и на нејасен македонски ме побара за жена. Се прегрнавме, сите пуштија по некоја солза, а јас го карав зошто тоа не го сторил уште првиот ден кога стигнавме, за да има простор вистински да се радуваме...
...Животот во Германија продолжи по старо, тој работеше по цел ден, а јас не се делев од речникот по германски. Морав да го научам јазикот што побрзо за да почнам да барам работа. Моите грижи спласнуваа штом тој ќе го пречекореше прагот. После топлата бања, си легнувавме на спалната и фантазиравме за нашата свадба. Планиравме да ја направиме во Македонија, бидејќи тој немаше никој, неговите го имаа избркано од дома уште на 18 години и не контактираа воопшто.
Во една прилика додека отпуштени си зборувавме, го прегрнав силно и на уво му шепнав како едвај чекам да му родам деца. Информацијата ја прими со толку страшен израз на лицето...исто како да му кажав дека чувам пиштол под перница и планирам да го убијам...
ПРОДОЛЖУВА...
На страните на 5-от број на женското списание Unique што можете да го купите на било која трафика во земјата.







































