
Можеби разликата беше во годините што ги делеа, а едната секогаш беше таа постарата, помудрата, посмирената заштитничка.
Две жени, две сестри, но два различни света. Сосема различни карактери, размислувања и начин на живот и покрај тоа што имаа иста комбинација на гени. Можеби разликата беше во годините што ги делеа, а едната секогаш беше таа постарата, помудрата, посмирената заштитничка на својата мала сестричка.
Можеби беше играта на животот, едната ја имаше привилегијата да расте со двајцата родители, а другата, после детството, животот ја остави само во рацете на татка си.
Помалата сестра
Човек, достоен за почит, кој ја изведе на вистинскиот пат и кој направи за неа повеќе од било кој друг. Имаше и нешто што и дари, тоа беше храброста, самостојноста, цврстината, но и нешто што и одзема, емотивноста, нежноста, сочувствителноста.
Таа ако имаше потреба ќе газеше преку лешови за да ја достигне својата цел, сама и со рани на нозете ќе стигнеше до врвот на планината и од таму горда, задоволна од себе и самоуверена ќе викнеше. Таа го живееше животот со полн здив.
Таа беше онаа на која многумина и се восхитуваа.
Постарата сестра
Другата девојка, постарата сестра, ја имаше нежноста на мајка си. Тие беа кршливи фиданки, кои секогаш имаа потреба од заштитник покрај себе, сами не беа сигурни како и каде да чекорат, но затоа пак тие беа оние кои отсекогаш велеа „те сакам“, знаеја да се извинат и да заплакаат за починатата осумдесет и три годишна сосетка.
Оваа девојка ако имаше потреба срцето ќе го дадеше за своето семејство, за својот партнер и до раните зори ќе се грижеше за проблемите на другите. Таа беше мирна девојка која уживаше во топлината на домот.
Таа беше онаа која многумина ја сакаа.
Спротивни светови
Овие два различни света, многу пати се караа, но 10 пати повеќе имаа мигови на среќа, насмевки и убави заеднички мигови.
Едната беше спремна боса и речиси гола да чекори по јунскиот дождец, а другата ги затвораше сите прозорци на првата грмотевица. Едната се ставаше себе си и својот професионален успех пред се, а другата партнерот и семејството.
Токму различноста ги правеше толку интересни, нивниот однос беше несекојдневен, но нивните разговори искрени. Се сакаа тие вистински, иако едната го кажуваше тоа со зборови, а другата го криеше во молкот и делата.
Но една за друга, срце би дале, а тоа беше повеќе од доволно...
.gif)






















.gif)
























