
Сторете го за последен пат, можеби ќе го спасите пламенот, а ако набргу на патот доаѓа и следната бура тогаш ќе имате зад што да застанете.
Потребен ви е како дождец на сува почва после пеколно лето, а пеперутките во вашиот стомак ни под разно не сакаат да чујат за некој друг маж. Толку многу несоодветности во врската, но вас сите патишта ве водат кон него. Тој не сака да потклекне , а вашата врска ја разјарува овој проблем.
Со доза на резерва на вашиот пиедестал
Во ниту еден друг случај не би простиле, вие сте самоуверена жена која секогаш држи до своите зборови и ставови, поради вашата тврдокорност во ваквите мигови дури и се имате запрашано дали вистински љубите. Околу вас ги гледате сите тие пријателки кои прават речиси се во име на љубовта, а вие секогаш дистанцирана, со доза на резерва на вашиот пиедестал.
И до сега животот ви беше повеќе од убав на овој начин. Секогаш го добивавте тоа што го сакавте, а на крајот останувавте доследна на себе. Бевте среќна девојка во љубовта сама кон себе и момчињата кои секогаш беа до вас, но по автоматизам на едно скалило подолу. Ги сакавте нив, но себе си повеќе.
Шанса за љубовта
Сега повторно се најдовте во таква ситуација и веднаш донесовте одлука за крај на врската, не се труди тој, не се трудите вие, но длабоко во себе се чувствувате помалку виновни дека вие ја инициравте оваа површна кавга и се плашите од иднината. Што ако утре се покаете што не вложивте ниту мало делче од себе, што не жртвувавте грам од егото за да се изборите за љубовта?
А љубите, знаете дека љубите, но знаете дека сте љубеле и порано, а сепак не сте правеле вакви жртви. Дали станавте премногу попустливи или годините ви ја донесоа мудроста на љубовта? Прошката, способноста да се премолчи и некогаш први да го спуштите носот, да започнете да чекорите цврсто по земјата и да давате за да ви биде дадено.
Чисти пред себе за следната бура
Тој не може да живее по вашите правила, ниту вие по неговите и во овој виор на различни интереси и карактери беше однесена и вашата меѓусебна љубов.
Дали да потрчате по неа, дали да посегнете и да ја задржите или да ја жртвувате по цена на тврдоглавоста? Не го свртувате погледот во таа насока од инаетот што тој не го прави тоа, но сетете се можеби го направил многу пати до сега.
И ако се ви е сиво и не ви доаѓа на ум кога тој последен пат ги жртвувал своите принципи за вас, сторете го тоа уште еднаш! Сторете го за последен пат, можеби ќе го спасите пламенот, а ако набргу на патот доаѓа и следната бура тогаш ќе имате зад што да застанете.
Тогаш ќе се сетите на последната ваша жртва и на неговата непоправлива тврдоглавост и ете токму тогаш заминете. Тоа ќе биде најбезболниот миг, затоа што без разлика што тој порекнува, вие ќе бидете чисти пред сами себе и ќе знаете дека сторивте се во име на љубовта!
.gif)






















.gif)
























