
Се сомневате дека има друга. Продолжете со вашиот живот без негово присуство.
Во добро познатата реченица, „ако ме изневери, ќе му раскинам во истиот момент кога ќе дознaм", преовладуваат гордоста и самопочитта. Но, во даден момент кога ќе се случи прељуба и девојката ќе дознае за тоа, таа заборава на се и сепак се решава да прости и да остане во врска со момчето кое ја изневерило. Ќе биде неизбежно за девојката потоа да се чувствува виновно и да си поставува прашања од типот на „Што лошо направив за да ме изневери?", „Која е таа девојка?", „Зошто токму таа?", „Колку пати?", „Нели му бев доволна?"...
Кога момчето ќе ја изневери девојката, не само што и ги повредува емоциите и ја губи нејзината доверба, туку покажува дека не ја почитува девојката како личност и како жена. Токму тоа е она што најмногу и најдолго боли.Но, момчињата не изневеруваат поради девојката со која што се, туку поради нив самите. Тоа е нивен личен избор и целосно се свесни за ризикот и последиците од прељубата. Таквиот избор произлегува од неговите желби и приоритетите.
Ова се 13 причини поради кои девојките би простиле неверство:
ЉУБОВ
Колку и да го сакате момчето, верувајте дека по дознавањето за неверството, вашата љубов ќе се промени. Колку и да го сакате, сигурно не сакате да продолжите со него и постојано да мислите каде е и со кого, дали повторно ве изневерува или не.
ФИНАНСИСКИ ПРИЧИНИ
Колку и да ви е лоша финансиската состојба, тоа не треба да биде причина која ќе ве поврзува со некое неверно момче. Наместо непотребно да си го трошите времето со некој кој не ве заслужува, можете да пробате да си најдете работа која ќе ве исполнува, па некој ден и момче кое вистински ќе ве заслужува и нема да ве повредува.
НАВИКА
Да, знаеме дека е многу подобро кога веќе го знаете и немате тајни, знаете што го нервира, што го пали и дека е малку потешко кога треба да посветувате внимание на некој нов, да го научите каков е, но вреди ли да си го изгубите здравјето ако останете со него? Вреди ли психички да ослабете? Секоја навика има одвика, само треба силно да ја посакувате.
НЕМОЖНОСТА ДА СЕ ДОКАЖЕ ПРЕЉУБАТА
Се сомневате дека има друга, но тој е премногу претпазлив што не остава никакви траги зад себе. Едноставно е! Продолжете со вашиот живот без присуството на тоа момче. Наместо да се грижите дали е со другата додека на вас ви вели дека е на факултет, живејте слободно без никакви нервози.
СТРАВ ОД ПРОМЕНИ
Се е наредено како што треба, но дознавате дека ве изневерил. И покрај тоа вие ќе решите да останете со него само поради стравот од промени. Понекогаш промените се убави. Облечете се секси и излезете со вашите пријателки. Ќе забележите како ќе почнат и други машки да ве забележуваат и да им бидете привлечна на нив. Не се затварајте во 4 ѕида.
НИСКА САМОДОВЕРБА
Мислењата дека сама ништо нема да постигнете или дека не сте способна да сакате некој друг или пак некој вас да ве сака се сосема погрешни. Вие треба да сте си прва за се. Да сте подобра од сите други. Само така ќе успеете во животот и ќе му докажете на момчето кое ве изневерило дека губи невидена прилика.
ЛОШ ТАЈМИНГ
Признанието ви дојде сосема неочекувано. Тој период ви се случуваат и други работи кои ве депримираат исто толку многу како и неверството. Тоа не е крај на светот. Дигнете ја главата и соочете се со проблемот. Бидете силна и истрајна до крај. Ќе ви се исплати.
СИЛНО ВЕРУВАЊЕ ДЕКА НЕВЕРНИОТ ЌЕ СЕ ПРОМЕНИ
Ве уверил дека тоа се случило само еднаш и дека не било негова вина. А вие ако сте наивна и го сакате секако дека ќе му поверувате. И понатаму ќе верувате дека тој повторно не би направил такво нешто. Не ризикувајте. Сигурно не сакате да дознаете дека повторно ве изневерил. Тоа уште повеќе ќе ве скрши.
НАПРЕДУВАЊЕ ВО КАРИЕРАТА
Секој човек има некаква корист од другите. Но, треба повеќе да си верувате на себе. Верувајте си дека се што ќе замислите можете да го остварите. Така нема да бидете зависна од некој друг и ќе се чувствувате поубаво во сопствената кожа.
ВЕРУВАЊЕ ДЕКА СОВЕТУВАЛИШТА ЗА ПАРОВИ ЌЕ ПОМОГНАТ
Секогаш е убаво да се чуе мислење за ситуацијата од трета неутрална страна. Ќе знаете барем дали вие претерано реагирате на неверството или не. Но, сепак мислењето од третата личност ќе постои извесен период. Таа нема да биде со вас во врската, нема да знае како ќе се чувствувате доколку повторно се случи неверство. Спречете го подобро, отколку подоцна да го лечите.
СТРАВ ОД ОСАМЕНОСТ
Никој не останал сам на светов, па така нема ни вие. Не очајувајте! Се што треба да ви се случи, ќе се случи. Не ги избрзувајте работите. Оставете да си течат по природен тек. Ќе видите дека среќата и на вас ќе ви се насмее.
ЖЕЛБАТА ДА НЕ СЕ ПРОМЕНИ ВРСКАТА
Врската досега била како од бајките. Се сакате, си верувате, се слушате постојано, се гледате доволно, едноставно сте створени еден за друг. Но, по прељуба врската никогаш повеќе нема да биде иста. Љубовта ќе се примени, како и довербата, односот..
НАДЕЖ ДЕКА НИКОГАШ ПОВЕЌЕ НЕМА ДА СЕ СЛУЧИ ИСТОТО
Сите се надеваме дека по дознавањето, тој што не изневерил ќе се вразуми и нема повторно да ја направи истата грешка. Се надеваме дека ќе сфати што може да изгуби и ќе се труди да не не изгуби. Но, никогаш не може да бидеме стопроцентно сигурни во нив и секогаш ќе имаме проблеми со довербата.
Девојки, не донесувајте одлука кога сте налутени. Што и да одлучите, таа одлука не треба да ја правдате пред никој друг освен пред самите себе, зошто вие си одлучувате за вашата судбина.







































