
Не мора да крене рака на вас за да ве повреди. Женското срце е готово да заплаче на само еден погрешен збор или поглед. Кога хормоните ни вријат во главата сме преосетливи, ги преувеличуваме работите и си мислиме дека тој постои за да не повредува.
Но, циклусот ви заврши, работите се вратија на свое место, но овој пат чувството за него не си замина. Колку и да сакате, не можете вината да ја фрлате на хормоните. Станувате сè посигурни дека тој повеќе не ве сака. Инаку како би го опишале неговото грубо однесување?
МИСЛИТЕ ДЕКА НЕ ВЕ САКА КОГА:
НЕ СЕ СМЕЕ НА ВАШИТЕ ШЕГИ...ќе ви звучи чудно, но многу мажи не обожаваат кога нивната девојка е во центарот на вниманието, кога знае да се отпушти и да го засмее целото друштво. Сите ќе уживаат, а само тој намуртен ќе седи. Но, зошто? Па вие му ја зедовте улогата и не само тоа, целосно го засенивте. Едно време тој беше главниот, вашето откачено момче со кое сите сакаат да се дружат. Но, чекајте, постои и втора опција. Можеби неговата смисла за хумор заостанува со времето.
ВЕЛИ ДЕКА ЌЕ ДОЦНИ 5 МИНУТИ, А ГО НЕМА ЦЕЛ ЧАС...што мислите дека прави за тоа време? Спие со друга жена? Можеби заглавил во сообраќај, можеби го задржале нешто дома, можеби ви подготвува изненадување, има уште илјадници МОЖЕБИ. Всушност, овде вие имате проблем. Имате сомнеж за кој молчите. Решето го на време додека не прераснал во опсесија или во љубомора.
ОЧЕКУВА ОД ВАС ДА СЕ ВКЛОПИТЕ ВО НЕГОВИОТ РАСПОРЕД...можеби вие сте жена која му значи сè, но никогаш нема да можете да му значите повеќе од неговите желби или планови. Тоа не значи дека не ве сака, но немате право да се мешате во одлуките на господарот што сака сам да го води својот живот. Ви останува само да бидете трпеливи, со текот на времето работите и тоа како се менуваат. Ако не ни верувате, прашајте ги мајките.
ВИ ОСТАВА ВАМ ДА ГИ ОРГАНЗИРАТЕ СРЕДБИТЕ...најчесто мажите се тие што го планираат состанокот, што ве собираат од дома, што ви купуваат подароци. Но, тој не го прави тоа, барем не во последно време. Вие мислите дека тоа е знак на рамнодушност, а всушност станува збор за уште поголема љубов. Штом почнал да ви остава вам, значи дека премногу се грижи да ви биде убаво и да бидете среќна.
ОДБИВА ДУРИ И ДА СЕ КАРА...мажите се расправаат со факти, а жените со чувства. Конечно увидел дека по секоја кавга се повлекувате и дека сте повредена. Едноставно не сака да ви приредува непријатности и да отвора теми што се банални и што не заслужуваат толку трошење енергија. Не обвинувајте го што ги штеди вашите нерви.


















































