
Неколку пати досега споменавме за тоа колку раскинувањата се тешки и за двете страни. Но, факт е дека секогаш едниот повеќе страда од другиот. Дали некогаш сте се нашле во ситуација да бидете прогонувана од бившиот?
Ни сама не знаете колку пати му објаснивте дека е готово, но човекот едноставно не сака да се откаже. Упорно ви се јавува, ви испраќа пораки, сандачето на Facebook ви е преполно со негови писма, ве следи насекаде низ град...
Човекот како да е опседнат со вас. На почетокот се смеевте на сето тоа, но почнувате да чувствувате притисок и не можете повеќе да ги давате истите објаснувања. Работите отидоа предалеку кога почнавте да добивате заканувачки повици.
На ова ни се пожали една читателка и решивме да ѝ излеземе во пресрет. Смисливме неколку чекори за тоа како да постапите во ваква ситуација сите вие што имате ваков проблем и секако за останатите бидејќи никогаш не може да знаете на каков карактер може да налетате.
Разговарајте со него. Знаеме дека досега неколкупати сте му објасниле и дека не сакате да поминувате низ истото, но мора да се обидете уште еднаш. Овој пат сторете го тоа преку писмо. На тој начин ќе ги средите мислите и нема да бидете прекинувана и недоречена.
Нека доминираат речениците во кои велите дека дефинитивно е крај, дека нема надеж, дека не постојат апсолутно никакви шанси ни да излезете со него на обично кафе. Кажете му дека нема ништо да постигне со демнењето, туку само може да направи да го замразите.
Изолирајте се. Исклучете се од неговиот свет. Бидете недостапна на мобилниот, ако треба, сменете го и бројот. Блокирајте го на Facebook, MSN, Skype... Не излегувајте со заедничките пријатели бидејќи тоа е најлесниот начин да дознае каде ќе бидете. Отежнете му ги сите начини преку кои доаѓа до вас.
Повикајте пријател. Вашиот заеднички пријател, неговата сестра или брат, неговиот најдобар другар... искористете ги за да ви помогнат. Разговарајте со нив и замолете ги да го убедат да ве заборави. Секогаш е полесно да поверува на пријателот отколку на вашите изјави. Ништо чудно тој да добива поддршка од некој близок кој со најдобра намера сметал дека сакате да останете заедно.
Фатете ново момче. Забрзајте ја постапката за наоѓање ново момче. Фактот дека сте со некој друг ќе направи полесно да ве заборави. Ќе му стане јасно дека вие сте продолжиле понатаму и дека не вреди да се бори за вас.
Бидејќи секогаш мислиме на сé и знаеме дека не е толку лесно да се влезе во нова врска, смисливме резервни опции. Појавете се на исто место со некој пријател или роднина. Пуштете муабет дека сте заедно. Глумете како сте среќна поред него. Во краен случај, замолете да му се јави и да му одговори со иста мера на заканите.
Обратете се во полиција. Многу девојки се малтретирани во врска, од тепање, па сé до ментална тортура. Многу малку од нив решаваат да пуштат глас, а камоли да се обратат во полиција или во некоја невладини организација.
Девојки, никој нема право да се изживува со вас! Сигурно сте слушнале за забрана за приближување. Не можете ништо да сторите сама ако работите почнат да излегуваат од контрола. Не бидете жена со предрасуди. Не сте вие таа која треба да се срами. Сетете се кој е виновникот.


















































