
Обично жените кога чувствуваат недостиг од внимание од партнерот, почнуваат да креваат врева и да бараат кавги каде што ги нема. Тој со обврски преку глава нема време да се заморува особено со вашите детски изјави.
Жените намерно провоцираат бидејќи тоа ги прави да се осигураат дека сé уште имаат врска. Едноставно ги држи будни, а и дополнително ги возбудува. Сексот по кавга е секогаш најдобар.
За разлика од вас, мажите гледаат што потивко да се средат работите, сé да помине мазно без многу филозофирање. Но, ова не значи дека и тие немаат чувства и дека се имуни на сé. Не залажувајте се дека можете да кажете сé и ништо да не ви биде земено за зло. И нивната толеранција има граници.
Ги прашавме момците да ни откријат како нивните партнерки може да ги извадат од такт за помалку од 5 секунди. Еве што ни одговорија:
ПРВ СЛУЧАЈ: Почнуваме расправија, по којзнае кој пат, за нејзините чувства и како јас ја третирам. Подготвен сум да ја сослушам бидејќи ја сакам и ме интересира да знам каде грешам. Таа почнува да се жали дека никогаш не ѝ обрнувам внимание кога сме излезени со моите другари. Нормално, јас мислам дека не е така и ѝ велам: „Е како кога цела вечер стоев до тебе!" Таа тука се исклучува, претпоставувам зошто не ѝ реков: „Да во право си, тотално заборавив дека постоиш", и ми вели: „ТИ НИКОГАШ НЕМА ДА МЕ РАЗБЕРЕШ!"
Не сме потребни ние за да ја објасниме фрустрацијата што се јавува кај партнерот, во ваков случај. Штом одвоил време, нерви, интерес, желба да ве слуша, значи дека сака да ве разбере. Можеби тоа нема да се случи веднаш, но тешко е обвинувањето особено во делот НИКОГАШ. Се добива чувство дека тој не е заинтересиран, не води сметка за вас и дека не знае да ве усреќи.
ВТОР СЛУЧАЈ: Многу е тешко да ги најдеш вистинските зборови кога треба да комуницираш со жените бидејќи нивниот мозок чудно работи. Понекогаш човек треба да се утепа од претпоставување за да знае да го погоди тоа што се мота во нивните глави. Тешко тебе ако не ја погодиш нејзината желба, но не само тоа, туку и зборовите што таа си ги замислила да ѝ ги кажеш, во спротивно сé падна во вода.
Последно беше кога девојка ми ме побара да сме иделе на кафе. Јас ѝ велам дека веќе сум се договорил со другарите, но дека може да ни се придружи. Таа го менува гласот и вели: „Е сега не сакам, нема врска оди ти со нив". Јас продолжувам со убедување да дојде бидејќи претпоставувам што очекува да ѝ кажам и велам: „Добро, сакаш да одеме сами?" И тука доaѓа моментот кога посакувам да ја убијам по изјавата: „НЕ САКАМ, ОДИ СИ СО НИВ, КАДЕ БЕШЕ ДА СЕ ДОГОВАРАШ СО МЕНЕ!"
Ако некој бил побрз од вас и му се јавил, не значи дека и вие не може да бидете дел од друштвото. Не бидете дете и излезете кога сте поканети. Разбирливо е да се лутите доколку не ве викне и не се сети на вас. Но, нема логика да се натпреварувате за тоа кој има приоритет за излегување и онака сме сигурни дека вие секогаш сте во предност.
ТРЕТ СЛУЧАЈ: Мислам дека нема потешко од тоа да договориш средба. Редовно го добиваш одговорот НЕ ЗНАМ. На моменти ми доаѓа да се развикам на цел глас: „Па кој да знае, мајка ти!!!!", и спушти ѝ слушалка. Но нормално тука има нежности и молење и прашања каде ти се излегува, што ти се прави вечерва, како си расположена, а треба да те соберам? За на крај да слушнеш: „ПА НЕ ЗНАМ, ЈАС ЛИ ТРЕБА ДА БИДАМ И МАЖ И ЖЕНА ВО ВРСКАТА? ОРГАНИЗИРАЈ НЕШТО И ЈАВИ СЕ ТОГАШ!" Трагичното е тоа што и тогаш кога имаш испланирано, госпоѓицата се лути зошто не си се консултирал со неа.
Мажите сакаат да сметаат дека вие мислите дека се одлични в кревет, за да договорат состанок, да знаат да ве изведат секогаш на уникатно и забавно место. Најболно за нив е кога ќе слушнат дека не се доволно мажи за да ги исполнат вашите желби. Тој треба да претставува фигура која е во состојба да ве заштити и да знае да го следи секој ваш чекор. Бидете попустливи и учествувајте во договарањето на средбите. Многу подобро е заедно да го планирате заедничкото време. Зарем не сметате така? Од кога, пак, договарањето стана мерило за тоа колку тој е вистински маж?


















































