
Денес гласаат за пегла, наместо за пушка!
Некогаш беа дел од огромната фаланга на Александар Македонски, храбро носеа штит и меч и без размислување се впуштаа во виорот на војната... До вчера остро протестираа против 9 месечната задолжителна воена обврска, а денес кога војската им ја направија доброволна не знаат ниту пушка да држат, ниту татковината да ја бранат како некогашните херои.
Нација без херои
Секој си задава за право да чепка по нашето име, историја и територија, а тие нашите мажи, нашите потенцијални војсководци како во глувчешка дупка да се сокриле. Ахх каде отиде машкоста на нашите мажи?
И кога ќе им го спомнете ова, кога ќе им ја споменете епидемијата на метросексуалци и бавната и болна смрт на машкоста тие единствено што можат да ви одговорат со цел да се одбранат е „соблечи се ќе ти покажам“.
Но до кога ќе се кријат зад ваквите вулгарни изјави? Задоволувањето на нагоните не е доказ за машкоста...
Некогаш и сега
Некогаш мажот беше глава на домот. Тој беше оној кој го хранеше семејството, градеше куќа, се бореше за татковината, беше пример и авторитет. Мажот знаеше да го поправи бојлерот, да ја искоси тревата, да ја закова скршената ограда и ред други работи.
Денес се почесто гледаме жени како водат цели домаќинства, заработуваат, готват, воспитуваат деца, па и ја менуваат прегорената сијалица во ходникот.
Кружи некој нов тренд кој како полека да ги претвора мажите во жени. Тие се спремаат за излегување и по цел час, фризурата мора да им е доведена до перфекција, облеката по најнова мода, а мал дел од нив знаат и да стават пудра на своето лице.
Ќе отидат да играат фудбал со другарите, ќе си ја шинат ногата, ќе треба да го поправат компјутерот, ќе избришат се по грешка, ќе се качат еднаш на Водно ќе добијат воспаление на мускулите.
Условите за брак ги чекаат како гром од ведро небо!
Некогаш младоженецот ја носеше невестата преку куќниот праг, а денес тешко дека може да ја крене, иако таа има само 57 килограми. Некогаш имаше куќен праг, сега има само куќен праг на неговите родители затоа што тој не се брзаше да порасне и беше дете до 30 и нешто години.
Парите, кои ги заработуваат, ги трошат на ноќни излегувања и спортски обложувалници наместо да започнат некој мал бизнис или да штедат за автомобил или стан.
И кога ќе ги запрашате зошто се подоцна се женат тие ќе ви одговорат дека немаат услови. Вие само објективно гледате од страна и размислувате дали чекаат гром од ведро небо, добивка на лотарија или пак својата неспособност да ја надополнат со способноста на некоја реализирана жена.
Некогаш мажите беа мажи, а денес... ?
Секако на крај, да споменеме чест на исклучоците затоа што се уште има и такви. Токму тие се мотивот на женскиот пол. И добри домаќини и верни љубовници и авторитетни мажи во вистинска смисла на зборот.
Браво за нив, а од таквите никогаш нема да се заситиме!
.gif)






















.gif)























