
Обрнете внимание на шминката на девојките во ноќните клубови...ќе забележите дека повеќето од нив се фанови на црниот ајлајнер. Без разлика дали е ден или ноќ, девојките практикуваат сè што е темно.
Но, дали сте се обиделе да изгледате фабулозно со помош на бел ајлајнер? Постојат неколку трика што можете да ги изведете со помош на белото моливче и денеска е денот кога ќе ги откриете.
На почеток ќе бидете скептични бидејќи нема да се чувствувате сигурно доколку очите не се исцртани со црни линии. Навистина кога ќе се погледнете во огледало ќе изгледате помалку чудно, но штом се навикнете, ќе видите дека белото моливче ќе стане задолжителен дел во вашиот несесер.
БЕЛО МОЛИВЧЕ НАМЕСТО ТУШ!
Како и вообичаено, на капакот ставете сенка. Белото моливче убаво наострете го и исцртајте тенка линија што поблизу до трепките, исто како кога ставате туш. Линијата нека го следи окото, а на крајот можете да направите и мал шпиц. За уште поуникатен изглед, веднаш над белата линија нацртајте црна, но внимавајте да не ги размачкате. Ваквата шминка можете да го сретнете речиси во секој светски магазин или модна ревија. Ставете два слоја маскара и ќе изгледате поинаку привлечни.
БЕЛО МОЛИВЧЕ ПОД ОКО!
Наместо под окото и под него да ставате од црниот креон, овој пат обидете се со бел. Ова е одличен трик за наутро кога очите изгледаат уморно и кога се вцрвенети. Белата линија во окото ќе ги отвори и тие ќе изгледаат свежи и сјајни.
КАКО ПРАВИЛНО ДА ГО НАНЕСЕТЕ? Наместо со прстот да ги тегнете подочниците, за полесен пристап, испружете го показалецот под окото, благо притиснете и линијата сама ќе се преврти кон надвор. Сега лесно ќе можете да поминете по неа со белото моливче.
БЕЛО МОЛИВЧЕ ЗА ИЗЕДНАЧУВАЊЕ НА ОЧИТЕ!
Ако убаво се загледате во огледало, ќе видите дека десното око е поголемо и поотворено. Кај некои девојки таквата разлика е речиси незначителна, но има и такви кај кои се забележува оддалеку. Но, и за тоа постои трик. Во позатвореното око ставете бело моливче, така тоа ќе се отвори и ќе се изедначи со другото. ОПОМЕНА: белото моливче се става само на поситното око.
БЕЛО МОЛИВЧЕ КАКО ДОДАТОК!
Освен како доминантна шминка, белиот ајлајнер ќе ви користи и во постигнувањето нијанси или истакнување конкретни делови на окото. На пример, нашминкајте го окото по ваша мерка и на крајот истакнете ги краевите или почетокот на окото. Така ќе добиете нежен поглед и сензуално влажно око.
НАЈВАЖНО ОД СЕ:
- Запомнете дека белото моливче може да го користите буквално исто како и црното.
- Одговара на секој тен и подеднакво добро стои на сини, кафени и зелени очи.
- Одлично се вклопува со сите бои сенки.


















































