
Изгледот на порцеланска кукла беше карактеристичен за 18 век, но неговата популарност не е ништо помалку актуелна и денес. Карактеристично за ваквиот изглед е изедначен бел тен, розови јаболкца, нежни и деликатни сенки за очи, интензивни трепки и уста во боја.
Од причина што изгледот на порцеланска кукла е речиси совршен, жените станаа опседнати со него. Ваквaтa шминка дава еден театрален изглед, а денес асоцира и на девојките од модните писти. Но, не мора да купувате светкави сенки за да сјаете на тој начин, работата е многу поедноставна.
ЕКСФОЛИРАЈТЕ го лицето со маска или со лосион со гранули за да ги отстраните мртвите клетки. Само така ќе можете да добиете мазен тен, а ќе немате проблем при рамномерното нанесување на пудрата.
ХИДРАТИЗИРАЈТЕ го лицето за да изгледа свежо и подмладено. По чистењето, кожата најдобро ќе се нахрани со кремот. Неопходно е да нанесете бидејќи така ќе спречите првутење на кожата.
КОРИГИРАЈТЕ ги дамките, црвенилото, акните со коректор. Значи, не ставајте на цело лице, туку само на подочниците и директно на дамките по лицето. Само вака ќе можете да постигнете перфектен изглед, само со пудра не можете да покриете сè.
НАПУДРЕТЕ го лицето со пудра со боја речиси иста како вашиот природен тен. Пудрата е најважниот сегмент за овој тип шминка. Тоа значи дека или мора да го задржите природниот тен или да купите посветла пудра, потемна не доаѓа во комбинација.
БЕЛО МОЛИВЧЕ задолжително ставете во окото бидејќи така ќе изгледа посвежо и поотворено. Ќе добиете невин изглед на кој останатите нема да можат да одолеат. Ако сакате, можете да ставите и на капакот или на почетокот на окото.
ВЕШТАЧКИТЕ ТРЕПКИ се одлични за постигнување порцелански изглед. Со нив несомнено очите ќе се истакнат, а и нема да мора да се мачите да ги поминувате трепките неколкупати со маскарата.
МОЛИВЧЕТО ЗА УСНИ ќе ви помогне усните да изгледаат подебело и секси. Но, ќе мора да внимавате линијата да не се познава, што значи покријте ја со впечатлив сјај или мат-кармин со месо боја. Со оглед на тоа што целата шминка е дискретна, дозволено ви е да ставите кармин со поинтензивна боја.
РОЗОВО РУМЕНЛО е тоа што оваа шминка ја прави поинаква од другите. Ставете помал слој за нежно да се прелива и да се задржи природниот изглед. Ваквата лесна шминка ќе ве направи далеку поатрактивни за разлика од црниот креон.


















































