Овој пат ќе се задржиме на чевлите што можеа да се забележат на модните писти... За разлика од комбинациите за кои можете да кажете: „Кај може ова да се носи во јавност!?", за чевлите и овој пат ќе воздивнете и ќе посакате да се најдат во вашиот плакар. Да почнеме со ред:
STEPHANE ROLLAND
Колекцијата на младиот дизајнер, прикажана на модната недела во Париз, беше оценета како драматична. Високите потпетици и овој пат носеа силна порака - идеални за жените што поседуваат неверојатна самодоверба, како поп дивата Rihanna и Cheryl Cole кои често може да се видат во нејзините парчиња.
VALENTINO
На ревијата на Valentino можеа да се забележат многу поинакви чевли од досегашните ревии, критичарите велат дека модната куќа се обидува да привлече нови муштерии. Како и да е, чевлите се навистина уникатни, изработени од флуоресцентни материјали, завиткани околу стапалото како завој.
JEAN PAUL GAULTIER
Веќе ви е познато дека целата колекција, вклучувајќи ги и чевлите, беше инспирирана од филмот Аватар. Може да се забележат каубојски чизми со индијански дезени, а понежните варијанти беа со многу ременчиња и специфични бои како од џунглите.
CHRISTIAN DIOR
Додека колекцијата изобилуваше со раскошни тоалети и модни детали што потсетуваше на опрема за јавање коњи, чевлите беа нежни, изработени од сатен во интензивни бои. Панделките и извртената штикла беа главното обележје на чевлите со отворени прсти, додека чизмите беа со класична бела боја накитени со копчиња.
ALEXIS MABELLE
Тргнувајќи од шминката, облеката, па се до чевлите... главното обележје на колекцијата беше комбинацијата од две бои. Чизмите го глужд најчесто беа во црна боја, додека предниот дел беше упадлив во жолта, виолетова или зелена боја. Потпетиците со отворени прсти беа едноставни, повторно во две бои, но навистина секси.


















































