
Вашата желба за оригиналност нека биде цената која ќе ја платите за да го пронајдете стилот.
Се вративте од четиричасовен шопинг и наместо вообичаената еуфорија за итно премерување на сите парчиња кои сте ги купиле, се соочивте со разочарување. Сe што купивте некако како да ви е веќе видено.
Зарем сличен модел на фармерки нема вашата колешка? Или можеби маичката што ја купивте е според најновиот тренд, па наскоро ќе ја гледате на секоја трета девојка во градот?
Новите трендови „ве лажат“ да ги купите
Залудно си ветувавте дека никогаш повеќе нема да бидете жртва на модните трендови.
Додека и натаму ја чекате пофалбата за вашиот стил, најновите парчиња облека никако да ви ги забележат. А како, кога униформноста низ градските улици брзо станува здодевна?
Кога во ист локал ќе се појават уште две девојки со ист модел на фустан како вашиот веднаш го ставате на „црната“ листа од вашата гардероба. Трендовите, на ваков или таков начин, кружат низ градот. Тоа важи и за моделите, боите, дезените и модните додатоци.
Причина плус која е заслужна вие да се одлучите за проверен модерен изглед со помош на трендовите е да не ве критикуваат за широките панталони кога сезонава се тотален аут. Не би сакале да бидете прогласени за губитник на модното поле само затоа што така сте се појавиле меѓу сите тие девојки во „цевка“ фармерки.
Кон сопствениот стил по цена на вашата желба
Не сте во можност да си дозволите шопинг во светските модни центри за да се пофалите со поинакви модни парчиња.
Понекогаш немате доволно време да ги поминете продавниците во градот, а не пак, да истражувате низ најоддалечените за да го пронајдете вашето „парче од соништата“.
А, сепак не сакате да се слевате во толпата поклоници на урбаната мода која го окупира градот.
Земете воздух, патот кон сопствениот стил воопшто не е тешка мисија. Вашата желба за оригиналност нека биде цената која ќе ја платите за тоа.
Стилот бара посветеност затоа бидете подготвени на тоа, но многу попресуден фактор е да имате храброст да го додадете својот личен печат на тоа што го носите.
Бидете таа која ги диктира трендовите
Добра идеја е да почнете да купувате декоративни материјали за накит, како на пример бисери, мониста или украсни ленти и сами да си го креирате. Однесете неколку парчиња од гардеробата кај најблискиот креатор за да ви вметне некои детали или да ја промени должината на вашиот нов фустан.
Тогаш ќе бидете сигурни дека немате причина покорно да ги почитувате модните правила. Тие постојат за да бидат срушени од најхрабрите кои во истиот момент ќе бидат прогласени за најмодерни. Покорете ги трендовите и ќе бидете запаметени како препознатлива икона на стилот и безвременската мода!
.gif)






















.gif)























