
Во ред е да се прават жртви за модата и за убавиот изглед, но не и кога тоа значи уништување на сопственото здравје. Покрај гладувањето за топ-форма, солариумот стана уште еден порок на младите девојки.
Да разјасниме, секогаш кога се изложувате на штетните УВ-зраци вие станувате потенцијална жртва за рак на кожа, без разлика дали тоа го правите во природа или, пак, во солариум. За да ви стане јасно зошто ризикот е толку голем, ќе ви објасниме на кој начин се добива тен.
Како настанува тенот?
Клетките на првиот слој од кожата познат како епидермис, излачуваат пигмент наречен меланин. Меланинот ја одредува бојата на кожата. Кога кожата ќе дојде во допир со сончевите УВ-зраци се зголемува излачувањето на меланин и кожата логично почнува да темнее. Всушност, тенот е знак дека кожата се соочува со УВ-оштетување. Темнеењето е знак за добар изглед, но не и за добро здравје.
Дали солариумот е побезбеден начин за темнеење?
Ова е многу погрешно верување што владее меѓу девојките. Подобро да одам на солариум бидејќи нема шанси да изгорам, а сонцето е штетно - и вие вака размислувате? Ако е така, тогаш сте во голема заблуда.
Солариумот емитува од 3 до 5 пати посилни УВ-зраци за разлика од сонцето. Како инаку можете да добиете идеален тен за 3 дена, а претходно не ви бил доволен одмор од 20 дена. Од овие причини во Австралија е донесен закон со кој им се забранува на девојките под 18 години да посетуваат солариум. И откако ќе наполнат 18, мора да потпишат согласност дека се свесни за ризиците.
Што сé може да предизвика солариумот?
Штетите од солариумот се идентични како од сонцето. Единствената разлика е изворот на УВ-зраците и интензитетот, јачината на зраците е далеку поголема кај солариумот. Еве што сé може да ѝ се случи на вашата кожа: горење, иритација, црвенило, предвремено стареење, појава на рак на кожата, појава на брчки и виснување на кожата.
Освен за кожата, истражувањата покажале дека солариумот е штетен и за очите. Забележана е појава на катаракт кај редовните клиентки на солариумите.
Колку природниот тен е заштитна бариера од сонцето.
Природниот тен штити исто како да сте ставиле заштитен фактор СПФ 3. Тоа не е доволна заштита затоа се препорачува задолжителна употреба на млеко со фактор. Сега дури и обичните шминки и останатата козметика почнаа да содржат СПФ-фактор. Истата заштита ја нуди лажниот тен добиен со помош на кремови. Но, од друга страна, пак, тие се најбезболниот начин за добивање тен за кус период.






































