
Турчинките се познати по својата убавина и древните тајни за разубавување. Тие се едни од првите кои користеле пареа за регенерација на кожата, а воедно и за духот. Редовни посетители биле и мажите, комбинацијата од топла вода, тревки и пареа била одлична за нивната ревма и болки во коските. Денешните спа-центри и сауни се всушност еквиваленти на некогашните турските бањи или за нас познати како амами.
Зошто е добра турската бања?
Пареата го забрзува процесот на потење кај човекот. Потењето, пак, е најдобриот начин за отворање на порите и ослободување на токсините од целиот организам. Резултатот е чиста и блескава кожа и обновен дух.
За да си направите сопствена турска бања, потребно ви е:
Свеќички, можете да си купите миризливи. Изберете мирис што најмногу ви годи и кој ве отпушта. Нека не биде премногу силен бидејќи можете да предизвикате главоболка.
Ливчиња од евкалиптус, а може и масло.
Мек сунѓер за тело и чаша.
Чај од ментол.
Подгответе ја бањата на следниот начин...
За почеток мора убаво да ги затворите сите прозорци и вратата од бањата. Доколку имате од новите прекинувачи со потенциометар, намалете го светлото. Доколку имате стандарден, изгасете го и запалете две до три свеќички. Колку да има одредена светлина. Премногу свеќи ќе ве остават без кислород.
Наполнете ја кадата со жешка вода. Дозволете просторијата да се исполни со пареа. Следете го примерот на старите Турци и во водата фрлете ги ливчињата евкалиптус или, пак, сипете од маслото.
Според старата турска традиција, треба да викнете за да ги избркате демоните што се кријат во пареата. На тој начин ќе можете целосно да уживате во ритуалот. Заборавете на сите лоши мисли за да го почувствувате разубавувањето на телото и духот.
Сместете се во водата и лежете неколку минути. Пареата е одличен ексфолијатор. Порите ќе се отворат, а со помош на сунѓерот ќе ги отстраните мртвите клетки на кожата. Со чашката полевајте го вратот, рамената, грбот и рацете.
Откако ќе завршите со бањањето, легнете, затворете очи и уживајте во водата. Не заборавајте да го сипете чајот од мента. Поедноставно не може да биде. Не правите речиси ништо, а добивате премногу.


















































