
Модните трендови во шминкањето и во облекувањето навистина се во функција да им олеснат на жените кои и онака се соочуваат со куп обврски. Денес нема жени без работа, едните се со кариера, другите се мајки со полно работно време.
Минималистичка шминка, лежерна облека во која се вклучени панталоните и кошулчињата и секако рамните чевли. Можете да бидете дотерани, да изгледате сериозно на работа, а да не мора да ве болат стапалата од високите потпетици, да ве нервира здолништето што се крева нагоре или да ја поправате шминката што се распаднала од уморот.
ПРЕФИНЕТА ШМИНКА.
Усните со боја на рубин, малина или црвени како крв биле главна одлика на старите холивудски диви. Ваквите усни се во ред во пригодите кога се бара свечен и класичен изглед. Црвените усни особено добро одговараат со густи и истакнати веѓи.
Топлите кафени сенки се безвременски, а зимно време посебно се актуелни. Оние со боја на цимет, орев или какао нанесете ги низ целиот капак и повлечете една линија со црниот креон, еден слој црна маскара и сте завршиле.
Сребрената сенка дава фантастични ефекти, го освежува лицето, а на очите им дава посебен сјај. Веднаш се забележуваат искри во погледот што сигурно сите вие ги посакувате во моментите на прослава.
Темниот бронзен тен во никој случај не може да асоцира на префинетост. За ваков изглед се бара чиста кожа на која има нанесено рамномерен слој светла пудра. Многу е важно да не пропуштате делови од лицето, што значи челото, очните капаци, делот над усните мора да бидат средени за целосен изглед.
Златната сенка не мора да ја ставате само навечер и на прослави. Одлична е и за преку ден само доколку ја нанесувате минимално. Ставете само на почетокот на капакот, можете да повлечете и линија со златен ајлајнер и очите веднаш ќе блеснат.
ПРЕФИНЕТА КОСА.
Ќе се согласите дека коњското опавче доживеа безброј трансформации. Добро е тоа што сите стилови влегуваат во игра ако сакате да изгледате како дама. Високо врзаниот го истакнува лицето, ги закосува очите и се добива вистински секси изглед. Лабаво врзаниот некаде на средина на главата или долу изгледа женствено, а особено елегантно со некоја кадрица.
Кога зборуваме за косата, правилото е едноставно, треба да бидете слободни во обликувањето. Не се бара затегната коса под конец. Врзана во лабаво опавче, во лабав кок, во опавче што повторно потсетува на кок...некаде на средината на главата, а може и малку на страна.
Неуредната, распуштена коса како за на плажа, а не за свечена пригода, е полн погодок. Но, за префинет изглед ќе мора добро да ја исчешлате, поминете со прстите низ неа и растресете ја. Прамните што ви паѓаат на лице ставете ги зад уши или лабаво фатете ги со шноли.
ПРЕФИНЕТА ОБЛЕКА.
Комбинациите со класична боја се секогаш префинети, но не носат ништо ново. Но ако црно-белата комбинација ја закитите со црвени, тиркиз или маслинести детали, тогаш веќе зборуваме за вкус.
Кратко црно фустанче во комбинација со модерно кратко палто и високи потпетици со јака боја - женствена комбинација што истовремено зрачи со префинетост и сексапил. За на работа можете да се појавите и во здолниште до под колена, убава марама и дебел капут.
Излезете од фармерките и облечете пошироки класични панталони, не мора да бидат црни. Ставете тенко коланче и слатко џемперче со големи копчиња или брош во вид на цвет. Беретките се одличен моден додаток што навистина добро ќе ви се најдат ако тежнеете по префинетиот изглед.
.gif)






















.gif)























