
Нема попривлечно нешто од чувството на свежина и пријатен мирис.
Летните горештини се секојдневен непријател на вашата убавина. Повеќето жени сакаат да ги откријат триковите за убавина и истовремена свежина и на плус 50 степени. Сето тоа е можно доколку креирате здрави навики за нега на вашата кожа, коса и нокти.
За таа цел ќе ви помогне балансираната исхрана, неколку квалитетни производи и, најважното, желбата да изгледате неодоливо. Само напред кон летната убавина!
Еве без што не смее да ви започне денот:
Утринската нега е задолжителна. Кожата на лицето освежете ја со термална вода и истото можете да го повторувате неколку пати во текот на денот. Затоа на шишенцето со термална вода местото му е во вашата чанта.
Кожата тонизирајте ја со тоник со смирувачки состојки, а притоа избегнувајте ги тониците и лосионите на алкохолна база. Пред излегување на улица каде вашата кожа ја демнат голем број негативни влијанија, задолжително заштитете ги отворените делови од кожата со заштитна крема. Кремата мора да содржи заштитен фактор кој ќе ја спречи појавата на изгореници од прекумерното изложување на сонце и ќе го забави стареењето на кожата.
Сончевите зраци ја прават кожата сува и испукана, затоа правилната хидратација во летниот период е трик кој треба да го знае секоја жена која сака да изгледа негувано.Изберете крема за лице која богато ќе ја хидратира кожата, но истовремено не остава мрсни траги по лицето.
Разгалете ја кожата на телото
Кожата на телото можете да ја разгалите со посебна нега. Изборот на лосиони, масла и млека за тела е навистина широк, а лесните овошни мириси ви ја будат летната страст.
Најважно при изборот на соодветна крема за тело е таа да ја хидратира кожата во текот на 24 часа. За екстремно сува и оштетена кожа треба да се одлучите за специјални балсами кои ја обновуваат кожата.
Труд за сјај на косата
Сигурно ви пречи и оштетената коса, како последица на 10 дена поминати на плажа. Доколку од било кои причини не сте успеале да ја заштитите косата навреме, тогаш пред вас е мисијата за интензивна нега на косата со задолжително квалитетни производи.
Користењето на маска и регенератор нека ви бидат основна навика во летната нега, а исто така не потценувајте ја регенеративната моќ на ампулите за зацврстување и сјај на вашата коса.
Миењето на косата во зависност од типот ограничете го на секои 2 дена, а бојадисувањето одложете го за есенскиот период. Верувајте резултатот ќе биде зачудувачки!
Задолжителен маникир и педикир
Отворените чевли одговараат со негувани стапала. Доволно е еднаш неделно да одвоите време за педикир на нозете за да почувствувате свежина во секој чекор.
Средувањето на ноктите може да ви биде интересно затоа што летото е период кога можете да експериментирате со сите нијанси на сонцето и слични јаки бои кои ви го креваат расположението.
Нека ве препознаваат по мирисот
Летните дезодоранси и лесни парфеми ве расположуваат вас и сите покрај кои ќе поминете. Нема попривлечно нешто од чувството на свежина и пријатен мирис. Изберете ги неодоливите мирисни ноти на летото, а посилните сочувајте ги за во зимскиот период.
Верувајте дека малите трикови за надворешна убавина по автоматизам влијаат и на расположението и на убавината на духот, кои се вашите први сопатници на патот кон незаборавно лето. Затоа уживајте!
.gif)






















.gif)























