
Карциномот на вагината е присутен 1 до 3 отсто од вкупниот број гинеколошки карциноми. Карактеристичен е за постарите жени. Не постојат конкретни ризик-фактори на болеста, но сите научници го посочуваат ХПВ-вирусот.
Инфекцијата со ХПВ е многу честа, 80 отсто од жените се инфицирани до својата 50-та година. Вирусот се пренесува преку сексуален пат и е одговорен за поголемиот број гинеколошки тумори кај жената.
Мит 1: Имам 45 години, затоа не мора да се грижам дека ќе заболам од карцином на вагината.
Факт 1: Колку што е жената во понапредна возраст, толку е поизложена на оваа болест. Средната возраст на пациентките со оваа болест е од 60 до 65 години.
Мит 2: Карциномот на вагината спаѓа во групата „тивки болести", затоа не може да бидам сигурна дали сум заболена.
Факт 2: Карциномот на вагината најчесто се манифестира со крвавење или со исцедок со непријатен мирис. Како туморот расте и се шири, крвавењата стануваат пообилни, проследени со болка во ' рбетот и карлицата. Други симптоми карактеристични за болеста се: општа слабост, истоштеност, намален апетит, слабокрвност, уремија и секундарни инфекции.
Мит 3: Залудно правам папа-тестови кога не покажуваат ако во вагината има појава на карцином.
Факт 3: Во никој случај папа-тестот не може да биде залуден. Редовните брисеви се најефикасен начин за откривање абнормални клетки, а тие се првиот показател на карциномот.
Мит 4: Олеснително е тоа што ракот на вагината не се шири, затоа може да почекам со третманите.
Факт 4: Постојат три начини за ширење на ракот на вагината: директно, лимфогено, хематогено. Примарните тумори на вагината може да се шират долж ѕидовите, грлото на матката и вулвата. Во подоцнежните етапи се зафаќаат и локалните лимфни јазли, за на крај преку крвта да се зафатат и оддалечените ткива и органи.
Мит 5: Карциномот на вагината може да ми го отстранат само со хируршки зафат.
Факт 5: Карциномот на вагината е заболување што се лекува со радиотерапија, хируршки зафат или со комбинирана метода од двете постапки. Хируршкиот зафат е редок и најчесто се применува кај пациентки под 40-годишна возраст. Затоа раното откривање е толку значајно.
Мит 6: Јас сум оперирана од карцином на вагина затоа не мора да се грижам дека болеста ќе се повтори.
Факт 6: Без разлика дали се работело за хируршки зафат или за радиотерапија, контролните прегледи се задолжителни. Во првите две години на секои 3 месеци, а подоцна на секои 6 месеци. Се врши контрола на крвната слика, детален клинички преглед со земање брис и КТ на абдоменот и карлицата.
.gif)






















.gif)























