
Матичните клетки се клетки што имаат способност за самореплицирање и даваат нови специјализирани клетки по пат на митоза.
Постојат три основни типа матични клетки:
Тотипотентни матични клетки. Овој тип матични клетки се во состојба да создадат кој било тип клетка во телото, што значи дека може да создадат цел организам.
Плурипотентни матични клетки. Овие клетки се слични на ембрионалните, односно може да создадат каква било клетка од телото, но не и да формираат функционален орган.
Мултипотентни матични клетки. Продуцираат само ограничен број клеточни типови. Тие се наоѓаат во специјализирани органи и ткива по раѓањето. Нивната првична функција е да ги возобноват клетките во органите или ткивата што се изгубиле во текот на некоја болест.
Терапии со матични клетки.
Постојат два типа терапии, станува збор за автологна и алогена терапија. При првата терапија кај пациентот се користат неговите сопствени клетки. При алогениот третман, матичните клетки потекнуваат од друго лице.
Целите за кои се користат матичните клетки.
За леукемијата, медицината со години користи алогени клетки од коскена срцевина, за да ја замени оштетената коскена срцевина на пациентот со здрава. Денес подеднакво успешен зафат е користењето на матичните клетки од папочната врвца за истата намена.
Покрај малигните заболувања на крвта, лимфниот систем, одредени тумори, заболување на имунолошкиот систем, матичните клетки сè поголема примена наоѓаат и во регенеративната медицина. Во иднина се смета дека матичните клетки ќе бидат во состојба да го менуваат генетскиот материјал.
Смрзнување матични клетки во Македонија.
Кај нас веќе постојат лиценцирани банки за матични клетки. Бројот на родителите што сакаат да ги зачуваат клетките од папочната врвца или од млечните заби, од ден на ден се зголемува. Почнаа да се вадат и посебни кредити за таа намена.
Покрај тоа што лекуваат повеќе од 80 болести, инвестицијата е исплатлива бидејќи може да ги користи секој член на семејството со оглед на тоа што матичните клетки се млади и незрели. Цената за складирање на матичните клетки чини околу 2000 евра. Клетките обично се чуваат додека детето наполни 20 години со услов за продолжување на договорот.


















































