
Како и кај останатите видови болести, клуч на успешното лечење е раната дијагноза. Бидејќи причините и лекот за рак на дојка се уште не се познати, многу луѓе располагаат со нецелосни информации за болеста. Она што сигурно се знае е следново:
Имам 22 години, премногу сум млада да се грижам бидејќи само постари жени заболуваат од рак на дојка.
Ризикот од заболување се зголемува со годините особено после педесетите, но тоа не значи дека и вие не можете да заболите. Најмладиот опериран пациент кај нас има само 19 години што говори дека годините не се пресудни кај оваа болест. Бидејќи вашиот организам е помлад и поактивен со појак метаболизам е изложен на ризикот за биолошки поагресивен рак. Затоа вие мора да бидете одговорни со тоа што редовно ќе ги изведувате месечните самопрегледувања со цел да развиете осет како изгледаат вашите гради и доколку забележите било каква промена веднаш ќе се обратите на лекар.
Во моето семејство немало случај на карцином на дојка затоа не постојат шанси и јас да заболам.
Навистина доколку вашата баба, мајка и сестра не боледувале од рак на дојка имате помали шанси за појава на карцином. Но, повеќето жени ( 90 до 95 проценти) кои заболуваат од рак на дојка немаат фамилијарна историја на болеста или наследени мутирани BRCA1 и BRCA2 гени. Што значи дека и вие мора да посветувате внимание на своите гради, здравата исхрана, тежината и редовното спортување како би ги намалиле можните шанси од заболување.
Преку мамографските прегледи се изложувам на радијација која може да потикне појава на рак на моите гради.
Можете да се опуштите, бидејќи мамографијата е проверена и сигурна процедура при која се користи многу мало количество на радијација скоро исто колку 2 часа да сте се изложувале на сонце. Преку мамографските снимки вашиот лекар добива детални слики од вашите гради и на тој начин открива дали има појава на тумури. Мамографијата ви помага во раното откривање бидејќи може да открие евентуална појава на рак една до две години порано пред вие да го приметите или почувствувате. Знајте дека бенефициите кои ќе ги почувствувате од оваа метода се далеку поголеми од можната штета. Првите мамографии се препорачуваат на 40 години.
Нема да го дојам своето дете бидејќи така само си ги зголемувам шансите за рак на дојка.
Сосема спротивното. Доењето може само да ја намали веројатноста да заболите од рак на дојка во периодот пред менопаузата. Доењето е добро и за вас и за вашето дете. Доењето несомнено има заштитен ефект врз башите дојки. Без оглед на возраста на мајката, една година доење ги намалува шансите за рак на дојка за 4,3 %. Тоа е така бидејќи додека го доите вашето дете вие всушност ја намалувате овулацијата и вашата изложеност од ефектот на хормоните. Глобално карциномот на дојките многу повеќе ги напаѓа оние жени кои не родиле.
Жените со помали гради како моите нема шанси да заболат од рак на дојка.
Само тоа што имате мали гради не ве става во категоријата имун од оваа болест и обратно жените од вашата околина со големи гради во категоријата со голем ризик за рак.
Ризикот за рак на дојка не е поврзан со големината на градите. Површината на градното ткиво на една жена ниту ги намалува ниту ги зголемува нејзините шанси за развивање на карцином. Секако доколку почнете да ја зголемувате вашата исхрана постепено ќе се зголеми и вашата тежина и големината на градите а со тоа ќе се зголемат ризиците за рак, но тука факторот сепак е храната. Одтука може и се родил овој мит дека жените со поголеми гради се склони кон рак на дојка но сепак не е до градите туку до нивната зголемена тежина.
Ќе морам да се откажам од убавите градници и антипреспирантите бидејќи слушнав дека предизвикуваат рак на дојка, а моето здравје е на прво место.
Ова е еден од најголемите митови за ракот на дојка. Слободно задржете си ги своите градници бидејќи не го загрозуваат вашето здравје а особено оние со фишбајн кои наводно ја спречуваат циркулацијата а со тоа предизвикуваат развивање на грутки во градите. Колку да бидете посигурни навечер кога си легнувате ослободете се од својот градник за вашите гради да станат поцврсти. Исто така не постои доказ дека антипреспирантите со тоа што го спречуваат вашето тело од потење или затоа што содржат штетни хемикалии кои се абсорбираат преку вашата кожа ќе предизвикаат да се појави рак на вашите дојки. Слободно и понатаму користете ги вашите омилени антипреспиранти ,секако умерено, кои прават да се чувствувате чисто и свежо во текот на денот бидејќи вашето тело и со нив ке најде начин како да се ослободи од токсините.
Мојот сопруг не мора да оди на мамографски прегледи бидејќи мажите не може да заболат од рак на дојка тоа е женска болест.
Ракот на дојка не е женска болест на која мажите се имуни. Од рак на дојка може да заболи и вашот сопруг, татко. Карцином на градите годишно се дијагностицира кај десетина мажи најчесто на возраст помеѓу 60 и 70 години. Симптомите и лечењето се исти како и кај жените само што кај мажите болеста е далеку поагресивна. Затоа запознајте го вашиот сопруг со оваа болест а посебно со чекорите за самопрегледување доколку ни вие не ги знаете уште денес научете ги!
Дали контрацепцијата го зголемува ризикот да заболам од рак на дојка?
Не, дури и кога би ги употребувале 10 или повеќе години, бидејќи количината на хормоните во таблетите е премногу мала за да биде ризик и истите се слични со природните хормони. Овој мит е поврзан со пилулите кои веќе одамна не се во употреба. Но сепак и понатаму треба да ги проверувате вашите гради еднаш месечно поради некои невообичаени знаци и доколку во вашето семејство постои историја на болеста би било подобро да се консултирате со твојот лекар за тоа кои пилули да ги користите.
.gif)






















.gif)























