
Дефиниција за болка, непријатно чувство и емоционално искуство предизвикано од повреда на ткивата во телото на човекот или поради присутна болест. Перцепцијата на болката е дел од одбрамбените функции на организмот. Болката не предупредува за опасноста од оштетувањето на ткивата предизвикувајќи адекватна одбрамбена реакција.
Според времетраењето, болките се групираат во две категории, акутна и хронична болка.
Карактеристики на акутната болка:
Акутната болка настанува со причина, трае релативно кратко време и може да биде остра и блага болка. Овој тип на болка престанува штом е отстранета причината за нејзиното настанување. Човекот се соочува со акутна болка кога ќе се исече, изгори, кога ќе скрши рака или нога, кога ќе се удри... Акутната болка е строго ограничена на повредениот дел и брзо реагира на лекови.
Карактеристики на хроничната болка:
Хроничната болка трае од 3 до 6 месеци. Таа може да биде умерена, блага или многу јака. Хроничната болка е поврзана со одредена болест. Таа буквално го нарушува нормалното функционирање на пациентот.
И хроничните болки може да се поделат во две категории:
Перзистентна, континуирана болка која трае во текот на целиот ден.
Пробивна, болка која се јавува нагло и трае од неколку минути до еден час.
Според изворот, болките може да се групираат на, соматски, кожни, висцерални, неуропатски и фантомски.
Карактеристики на кожната болка:
Кожната болка е предизвикана од повреда на кожата или површинските ткива. Кожните ноциоцептори завршуваат непосредно под кожата, и поради големата густина на нервни влакна, даваат точно дефинирана, локализирана болка. Може да се јави како последица на инфилтрација на кожата од страна на туморот.
Карактеристики на соматската болка:
Соматската болка е последица на инвазија на туморот во коските, зглобовите, мускулите и сврзното ткиво. Поретко може да биде предизвикана од хируршки зафат, од хемотерапијата или од радиотерапијата. Предизвикана е со надразнување на периферните ноцицептори. Најчесто е континуирана, добро локализирана.
Карактеристики на висцералната болка:
Болка во висцералните органи: срце, бели дробови, органите за варење и органите на урогенителниот систем. Малата густина на рецепторите во висцералните органи ја прават оваа болка слабо локализирана. Може да се пренесе на површинските структури како што се мускулите и кожата (пример: болка во грбот поради присутен карцином на панкреасот).
Карактеристики на неуропатската болка:
Неуропатската болка е последица на компресија или директна инфилтрација на периферните нерви со туморот. Може да ја предизвика немотерапијата или радиотерапијата или хируршкиот третман. Тоа е жаречка, пробивна болка.
Карактеристики на фантомската болка:
Фантомска болка е чувството на болка во екстремитетот (рака или нога) кој е оперативно отстранет. Оваа појава се јавува речиси исклучиво кај пациенти кај кои е ампутиран екстремитетот (пример при оперативно отстранување на екстермитетот поради примарен коскен тумор-остеосарком) или кај пациенти со квадриплегија (парализа на сите екстремитети).


















































