
Со оглед на тоа што бројот на заболените расте, а почнаа да умираат и луѓе што не спаѓаат во категоријата хронично болни, можеби е време да се прашате колку всушност знаете за свинскиот грип.
Досега неколкупати зборувавме за методите на заштита, вклучувајќи ги и последните препораки од светските лекари, но мора да оставиме и простор за расчистување на сите недоразбирања што владеат помеѓу населението.
Дали да носиме маски или не, дали е подобро да останеме дома или не, дали да избегнуваме месо или не...да ставиме крај на претпоставките!
7 основни мита за H1N1:
МИТ БРОЈ 1: ЈАС СУМ ЗДРАВ, НЕ МОРА ДА СЕ ГРИЖАМ!
Постојат случаи кога луѓето сами, без медицински третман, успеаја да се соочат со болеста. Но, едно е сигурно, грипот е крајно непредвидлив и постојано мутира. Прво, се очекуваше да стивне по летото, а тоа не се случи. Второ, сè поголем е бројот на млади и сосема здрави жртви за разлика од старите и хронично болни.
МИТ БРОЈ 2: ГРИПОТ Е НЕИЗБЕЖЕН, СИТЕ ЌЕ ГО ПОЧУВСТВУВАМЕ!
Како ќе се одвива пандемијата никој не може да потврди со сигурност. Можеби вирусот ќе стане поагресивен, а можеби и ќе се смири. Едно е сигурно, не треба да се однесуваме како ништо да не се случува. Здравата исхрана и хигиената не смее да изостане во домот, работното место, училиштата, институциите...
МИТ БРОЈ 3: ЈАС СУМ ИМУН БИДЕЈЌИ ГО ПРЕЛЕЖАВ!
Ова всушност е вистина само ако навистина сте биле болни од свински грип. Често се случува обичната настинка да биде идентификувана како свински грип. Тоа значи дека ваквата констатација се однесува само на тие што примале терапија против грипот. Сепак, светската здравствена организација препорачува заштита и за прележаните.
МИТ БРОЈ 4: ВАКЦИНИТЕ НУДАТ 100% ЗАШТИТА!
H1N1-вакцините го намалуваат ризикот од зараза. Но, ниту една вакцина против грип не нуди комплетна заштита. Гледано историски и најдобрата вакцина против грип успеала да овозможи заштита од 70%. Добриот аспект на вакцините е тоа што и ако се заразите, нема да се соочите со компликации.
МИТ БРОЈ 5: ОД ВАКЦИНАТА МОЖЕ ДА СЕ РАЗБОЛАМ!
Ваквото верување е неизбежно за секој нов тип вакцина. Многу луѓе мислат дека настинката настанала токму поради вакцинацијата. Всушност, H1N1-вакцината содржи стандардни примероци од полумртви вируси. Благата треска, заморот и главоболката по вакцинацијата е знак дека имунитетот реагира на вакцината.
МИТ БРОЈ 6: ПИЕЊЕТО АНТИБИОТИЦИ МОЖЕ ДА ПОМОГНЕ!
Антибиотиците се наменети за бактериите, а не за вирусите. За жал, многу луѓе посегнуваат по традиционалните антибиотици, сами се лекуваат наместо да појдат на лекар. Антибиотиците не само што не можат да ви помогнат туку може да предизвикаат и несакани последици.


















































