
Научниците велат дека чистењето е одлична антистрес терапија.
Дали ве нервираат обврските околу домот? Секој ден да го местите креветот, еднаш во неделата да го бришете правот и подот, а алишта за диплење има кога и да посакате. Лошата вест е рутината...нема како да им избегате на овие задолженија, а нештата ќе станат уште покомплицирани кога ќе станете сопруга и мајка.
Кога веќе сте врзани за домот, зошто не пробате да ги извлечете позитивните страни што може да произлезат од секојдневната дружба со него? Направете од него инспиративно место и прибежиште од проблемите што ве демнат зад надворешната врата. Сигурно ќе ви се допадне да чуете дека научниците им ја препорачуваат генералката на домаќинките како ефикасна терапија против стресот. Затоа, не чекајте! Засукајте ги ракавите, земете ја крпата и фатете се за работа.
РЕД ВО ДОМОТ - РЕД ВО ГЛАВАТА
Направете чистка во плакарот, решете се од непотребните парчиња облека што знаете дека никогаш повеќе нема да ги облечете. Не залажувајте се со тоа дека модата се врти и повторно ќе се носат, па и да е така ќе заработите и ќе си купите нови. Поделете ја гардеробата на зимска и летна, наредете ги коланите во една кутија, шаловите во друга, во фиоките распоредете ја долната облека, чорапите и хулахопките. Не заборавајте да ја организирате библиотеката и работното биро. Организацијата ќе ве направи пофункционални, а деновите кога со часови ја баравте омилената блуза ќе станат минато. Паралелно со воведувањето на ред во домот, направете и ред во главата. Ако се обидувате да излезете на крај со куп работи одеднаш, ќе завршите со главоболка и нула резултат. Направете приоритет на нештата, а она што не завршивте да го завршите денес ставете го на прво место за утре.
ЕДНА СОБА - ЕДЕН ПРОБЛЕМ
Во чистењето секој чекор е важен, иако можеби не изгледа така. Не сте направиле разлика ако сте ги исчистиле прозорите, а сте ја прескокнале прашината од мебелот. Најважно од се е да не се расфрлате низ целиот дом. Ако почнете од подовите низ целиот стан, уште на вториот ќе ви здодее и ќе сакате да се откажете. Ако чистите соба по соба ќе бидете комплетна и нема да постои нешто што ќе ви помине низ раце неисчистено. Ако случајно ве прекине ѕвонењето на телефонот или треба набрзина да зготвите нешто, не заборавајте да продолжите од каде што застанавте. Истото правило практикувајте го и во соочувањето со предизвиците. Ако денес сакавте со саканиот да зборувате за неговата неодговорност, заборавете да се пожалите дека е мрзелив. Таа тема оставете ја за наредните денови, во спротивно ќе завршите со кавга, а проблемот ќе остане да виси на конец.
СВЕЖА ПРОСТОРИЈА - СВЕЖ МОЗОК
Лекарите препорачуваат задолжително проветрување на собите наутро. Иако надвор е студено, 5 минути се сосема доволно за да му дозволите на зимскиот воздух да ја освежи просторијата во која спиевте цела ноќ. Смената на воздухот е неопходна за да ја спречите настинката и затнатиот нос. Особено треба да практикувате да го бришете правот со отворен прозор. За сето тоа време, додека механички ги извршувате активностите, мозокот на раат ќе може да дојде и до најтешкото решение што до пред некој ден изгледаше невозможно. На крај кога секој светнат предмет ќе си го најде своето место, фрлете поглед на новиот дом. Удобно сместете се во фотелјата, пијте од заслуженото кафе и почувствувајте како црните облаци се разведруваат во вашата глава.


















































