
Кафето го врти светот. Затоа сварете си едно по ваш вкус, сипете го во вашата омилена шолја и уживајте во него со сите сетила.
Понекогаш колку и да сакате да бидете енергична и да скокнете од креветот не плашејќи се од обврските, студот и вкочанетите мускули ве враќаат назад во постелата каде што никој ништо не ви може.
Обидете се да навлечете нови правила во своето утро. Сменете го неговиот епитет на најомразениот дел од денот. Утрото го означува раѓањето на новиот ден, а можеби денес ќе значи и раѓање на нова љубов, успех, пријателство... Затоа наместо да се криете под перницата, протријте ги очите и секоја утринска секунда направете ја полезна за вас.
Ако вашето работно време започнува во осум часот, не значи дека треба да станете петнаесетина минути порано, се набрзина да завршите и буквално трчајќи да заминете на работа. Станете еден час порано, така ќе имате време да уживате и во оние пет плус најслатки минути.
НАСМЕВНЕТЕ МУ СЕ НА ДЕНОТ!
Отворете ги очите и како лепенка залепете си на устата насмевка, па макар и со сила. Ајде можете вие, само треба да ги оптегнете усните и да ги покажете забите. На овој начин ќе го измамите мозокот да си помисли дека сте среќни.
НАПИЈТЕ СЕ ЧАША ВОДА!
Уште денот не започнал, уште не сте го вклучиле компјутерот, а главата ви се чини дека ќе ви распука. Ни сами не знаете како да ја објасните таа главоболка. Пробајте на гладно срце да испиете чаша вода со малку лимон, необјаснивите главоболки ќе станат ваше минато.
ЗАБОРАВЕТЕ НА ТЕЛЕВИЗОРОТ!
Далечинскиот управувач е подготвен уште од вечерта само чека на вашиот прст да го притисне црвеното копче. Уште сонувате, а ве бомбардираат лоши вести од сите канали бидејќи за жал само тоа има. Еве нешто ново: на мобилниот телефон наместете да ве буди вашата омилена песна. Знаете оние ноти што секогаш знаат да ги кренат вашите нозе од подот.
НАПИЈТЕ СЕ ШОЛЈА КАФЕ!
Кафето го врти светот. Ништо не може да функционира без шолја кафе. Затоа сварете си едно по ваш вкус, сипете го во вашата омилена шолја и уживајте во него со сите сетила. Ако не сте љубител на кафе тогаш сварете си чај со мед.
ПРАКТИКУВАЈТЕ УТРИНСКИ ФИТНЕС!
Недостатокот на енергија во текот на денот, најчесто е последица на недоволната раздвиженост на мускулите. Наместо да губите време во мислење што да носите, застанете пред огледалото и направете неколку едноставни вежби за истегнување. Можеби се прости, но во никој случај не се безначајни.
ИЗБЕГНУВАЈТЕ ГО ТОПЛИОТ ТУШ!
Нема подобар начин да се освежите од тушот со млака вода. Циркулацијата ќе се забрза и мозокот ќе почне да работи со полна пареа. Жешката вода само ќе ве згрее и одново ќе ви донесе желба за спиење. Масирајте се со купката, фокусирајте се на нејзиниот мирис и запејте си некоја песна.
НЕ ИЗЛЕГУВАЈТЕ ОД ДОМА БЕЗ ПОЈАДОК!
Многупати се покажало дека нутриционистите се во право, појадокот е најважниот оброк од кој црпите енергија цееел ден. Многу е важно да внимавате тој да изобилува со свежа и здрава храна. За да ја одржите линијата започнете со овошје, а потоа каснете житарици со млеко или јогурт.


















































