
Сите се радуваме кога ќе видиме дека ги намалиле цените на хамбургерите или дека плескавиците ги направиле поголеми, но тоа не е случај со салатата. Или што е со „смоките" ? Фамилијарното пакување е живо џабе.
Да, денес големите пакувања ќе заштедат од вашиот буџет, но не и од калориите. Затоа време е да се научите правилно да пазарите. Ем помалку пари ем помалку калории. Еве неколку совети како да успеете:
ТРИК БРОЈ 1:
Купете си две каси, но и две тегли ќе завршат работа. Во едната ќе ги собирате сметките од оброците што ги купувате на пауза, а во другата ќе ги чувате заштедените пари во деновите кога јадење ќе си носите од дома. Дозволете да помине 1-2 недели и видете каде ви одат парите, а каде се лепат калориите. Ќе се премислите кога ќе ја видите полната тегла со сметки, а да не зборуваме за вашите бутини што секој ден трпат брза храна.
ТРИК БРОЈ 2:
Носете си ручек од дома. Вкусната салата приготвена од дома ќе ви заштеди пари и калории. Ако дневно трошите 100 денари за јадење, за само 5 работни дена ќе имате заштедено 500 денари. Замислете си колку гардероба ќе можете да си купите со парите заштедени од цела година.
ТРИК БРОЈ 3:
Пијте вода наместо сок. Водата барем е бесплатна, но и да пиете купечка, сигурно нема да ве чини колку соковите што ги купувате секој ден. А да не зборуваме дека водата е одлична за организмот, го забрзува метаболизмот и ќе се спасите од калориите за час.
ТРИК БРОЈ 4:
Пазарете паметно. Секогаш пред пазарување направете список од здрави продукти што треба да ги купите. Така ќе се водите по него и нема по грешка да налета некој чипс или чоколадо. Наместо да се водите по некоја диета, што најчесто е скапа и ограничува, купувајте од сè по нешто сè додека е здраво. На пример, замрзнатиот зеленчук има витамини, а да не зборуваме колку брзо се приготвува.


















































