
Аква-фитнесот е наменет за сите луѓе што сакаат да го оформат своето тело, а досадно им е со часови да вежбаат во задушливите фитнес-сали.
Навистина станува збор за интересен метод преку кој, освен доброто расположение, ќе добиете и зацврстени мускули и помалку масни наслаги околу половината и нозете.
Стручњаците задолжително препорачуваат пливање во раната детска возраст. Тоа е најдобриот спорт за правило оформување на 'рбетниот столб. Во комбинација со фитнесот може да биде екстра-вежба за тие што може да ја практикуваат и во зимските денови.
Позитивниот аспект е тоа што водата прави вежбите да изгледаат лесно. Болките во мускулите речиси и не се чувствуваат. Додека вие мислите дека се забавувате, согорувате калории и правите мускулна маса.
Геометриски фигури.
Потопете ги и рацете и нозете во вода. Почнете да правите геометриски фигури со рацете и со нозете. Кругови, триаголници и други вежби што ќе ви паднат на ум. Ваквите вежби го зацврстуваат задникот и карлицата.
Вежби со топка.
И обичното подавање со топка е ефикасно ако го правите во вода. Вежбите со топка се одлични за кондицијата и рамнотежата. Обидете се да ја ставите меѓу нозете и држете баланс. Фрлајте ја на далечина и пливајте да ја стигнете.
Вежби со тегови.
Луѓето што се на рехабилитација за екстремитетите, често прават вежби со помош на тегови. Тоа се специјализирани тегови со кои може да ги правите истите вежби како и на суво. Следниот ден нема да почувствувате никакво воспаление.
Вежби за истегнување.
Јога-вежбите, пилатесот, таи чи, сите имаат дел што го нарекуваме истегнување. Истегнувањето во вода е вистинска релаксација за мускулите. Збогатено со малку ритам и танц, и вашиот стомак ќе почне да се затегнува. Самиот отпор на водата влијае процесот на затегнување да се забрза.


















































