
Понекогаш и секојдневните активности помагаат телото да се зацврсти. Верувам дека тоа ќе го потврдат сите тазе мајки. По породувањето немавте потреба од режим и фитнес. Грижата околу малечкото си го направи своето.
Бидејќи сите не се мајки, решивме да ви ги презентираме спортските придобивки што можете да ги имате од градинарството. Но, тука не е само спортот, комуникацијата со природата е одлична за отпуштање на нервите. Не се сомневам дека по статијава вие ќе ја имате најубавата градина во населбата.
Освен средена бавча, еве што сé добивате од градинарството:
Ова е одличен начин за согорување на калориите. Во исто време правите корисна работа за себе и за околината.
Научно е докажано дека садењето, наводнувањето и кастрењето го намалуваат стресот. Пријатната миризба и боите на цвеќињата го подобруваат расположението.
Наша препорака е да не се ограничите само на садење цвеќиња. Посадете и некое овошно дрвце или зеленчук. Ова ви е одлична шанса за органска диета.
Ова е спорт речиси за без пари. Нема потреба да плаќате часови и некој да ви го ограничува времето за тренинг. Сé што ви треба е мала парцела во дворот, алат и семе.
А сега да ја видиме листата со основните карактеристики на градинарството, па според неа одлучете дали ќе го применувате.
Активирање на мускулите - се активираат речиси сите мускули, сé зависи од работата. Ако копате повеќе, ќе се зацврстат рацете.
Губење калории - еден час работа во градината значи губење 400 калории.
Потребна опрема - удобна облека, млеко со фактор ако работите на сонце, вода, алат за работа.
Потребно време - времето зависи лично од вас. Некогаш ќе се заборавите во градината, а кога е постудено, ќе немате што многу да работите.
И за крај, неколку совети за работата да ви оди полесно:
Внимавајте на положбата на телото бидејќи многу лесно можете да се здрвите. Ако работите клекнати станувајте на секои 10 минути за да се истегнете. Можете и да клекнете на колена, но ставете некоја вреќа под нив. Држете го грбот исправен.
За да ви биде поудобно, пред и по работата, направете неколку вежби за истегнување. Многу е важно да не се закотвите во едно место. Станувајте почесто од земја и по можност некои работи правете ги стоечки.






































