
Ладното време го стеснува изборот за спортување. Не можете да излезете да трчате на кеј, да возите ролери или велосипед, да одите на пливање...но ова не значи дека треба да останете дома и да ѝ се препуштите на храната.
Ако имате можност, задолжително упатете се во некој од нашите зимски центри. И да не знаете да скијате, доволен е чистиот воздух и прошетката по снегот за да ги прочистите градите од градското загадување и цигарите.
Кога веќе сте таму...еве неколку зимски вежби што не смеете да ги пропуштите. За почеток ќе почнеме со најлесните и најевтините.
ЛИЗГАЊЕ.
Ова е најевтин спорт што можете да го правите во град, село, на планина, сами или во друштво. Наменет е за сите што сакаат да се забавуваат, а истовремено и да ги зајакнат своите мускули и да ја одржат физичката кондиција. Самото влечење на санката по угорнината е доволно за да се ослободите од вишокот килограми.
ТРЧАЊЕ.
Уште еден зимски спорт како замена за трчањето во парк. Снегот дополнително го зголемува напорот, бројот на загубените калории расте, а истовремено ќе се затегнат бутините, грбот, задникот, па и рацете. Тоа што треба да го запомните е дека не смеете уште првиот ден да си поставувате високи цели. Трчањето по снег можеби звучи едноставно, но тоа е напорна вежба што бара кондиција. Затоа почнете со малку и задолжително практикувајте претходно да се загреете.
ПЕШАЧЕЊЕ.
Пешачењето по снег е една од омилените вежби на спортистите како фудбалери, кошаркари и сите што водат сметка за својата кондиција. Вежбата не бара многу труд, нешто е потешка од пешачењето на суво, но е доволно рекреативна за зимно време. Потребна ви е само топла облека, квалитетни обувки и добро друштво. За да постигнете подобри и побрзи резултати, обидете се да пешачите по длабок или неизгазен снег.






































