
Жените беа пресреќни кога на пазарот се појавија тангите. Конечно можевме да им кажеме збогум на видливите линии од обичните гаќи. Навистина е пријатно чувството, а богами и самодовербата расте, кога ќе облечете тесен фустан и знаете дека немате проблем со набори на задникот.
Но, дали тангите се уште една модна жртва со која се соочуваат жените секојдневно? И гинеколозите кај нас не ги препорачуваат, а некои земји во светот размислуваат и за нивно забранување.
ШТО МОЖЕ ДА ПРЕДИЗВИКА ТАНГАТА?
Повреди...тесните танги од лош материјал се премногу груби за нежната кожа на вагината. Честа е појавата на повреди, црвенило, па дури и модринки од носењето премала танга.
Инфекции...повредите го зголемуваат ризикот од габични инфекции. Кандидата многу често се поврзува со честото носење танга.
Ширење на инфекцијата...и сами знаете дека кожата не може да дише кога сте облечени во претесни фармерки. Истиот ефект се добива и од тангата. Кожата е притисната, се качува температурата и се создаваат идеални услови за ширење на инфекциите. Можеби од тие причини не можете да се спасите од кандидата.
ДАЛИ ОВА ЗНАЧИ ОТКАЖУВАЊЕ ОД ТАНГИТЕ?
Откажување, не би бил соодветен збор. Повеќе мислиме на ограничување во носењето. Сигурно дека нема ништо да ви се случи ако една вечер излезете носејќи танга. Денес има голем избор на секси-гаќички поради кои тангите ќе излезат од мода.
Правилата за носење танга се едноставни:
1. Тангата не смее да биде замена за долната облека, носете ја само во нужни ситуации.
2. Никако не легнувајте со танга.
3. Доколку имате каква било генитална инфекција, избегнувајте ја тангата сè додека не се излекувате.
4. Купувајте танги со квалитетен материјал, никако претесни и задолжително пеглајте ги по перењето.






































