
Луѓето се повеќе стануваат свесни за важноста на храната за нивното здравје. Не треба да зачудува ваквиот факт, со оглед на тоа што секојдневно сме бомбардирани со информации за загаденоста на почвата и воздухот што го дишеме.
Каква храна јадеме?
Храната го загуби вистинскиот вкус поради присутните пестициди, адитиви, вештачки ѓубрива, генетски модифицирани состојки, хормони за раст...докажано штетни за вас. Има ли поубаво од тоа да си имате сопствена градина па да си посадите домати, пиперки, магдонос- старите нека ви потврдат. За жал ретко кој има време и услови за тоа. Но, затоа некој се сетил и почнал да создава органска храна.
Каква храна е органската?
Станува збор за храна која се произведува по строги стандарди од садењето до конечниот плод. Исклучена е секаква употреба на хемиски препарати штетни по здравјето. Се оди до тој степен што се изолираат и тешките метали присутни во загадениот воздух. Освен за човекот, органското земјоделство е поволно и за здрава средина. Користењето исклучиво на природни ѓубрива и без форсирано растење со хормони е причина за малите приноси. Од тие причини оваа храна е поскапа.
Како да препознаеме органска од неорганска храна?
Според законска регулатива, постојат стандарди за производство и пласман на органските продукти. Што значи дека се издаваат посебни сертификати за квалитет. Без разлика дали се работи за свежо овошје или зеленчук, на него мора да има етикета дека е со органско потекло.
Каде сме ние во оваа приказна?
Нашата земја има плодни почви, сонце и вода, идеални услови за органско земјоделство. Останува да се поработи на внесување на посебните стандарди. Бројот на производителите се зголемува од година во година. Лани порастот бил за неверојатни 106 %, додека во 2005 год. биле регистрирани само 50 производители. Готови органски производи има во поголемите супер маркети, сместени на посебни штандови за сертифицирана храна. Има и странски и домашни.


















































